Сиљановска – Давкова и Вучиќ заедно на 2 Август во Прохор Пчињски
Посетата ќе биде во рамки на одбележувањето на 80 годишнината од одржувањето на првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на АСНОМ
Македонската претседателка Гордана Сиљановска - Давкова денеска попладне остварила телефонски разговор со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Во разговорот како што информираат од кабинетот на Силјановска - Давкова биле потврдени одличните билатерални односи и била истакната подготвеност за натамошно унапредување на македонско - српското пријателство, за конкретизирање на соработката во повеќе области и јакнење на меѓусебната поддршка во однос на европските перспективи и процесите на евроинтеграција на двете земји.
Сиљановска – Давкова и Вучиќ се договориле на 2 Август заедно да го посетат манастирот Свети Прохор Пчињски.
“Во пресрет на државниот празник 2 Август – Илинден, а во духот на добрососедските односи и заложбите за продлабочување на пријателските врски меѓу двата народи, претседателката Сиљановска Давкова и претседателот Вучиќ, изразија подготвеност заеднички да го посетат манастирот Св. Прохор Пчински и да ја одбележат 80. годишнината од одржувањето на првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ)”, се вели во соопштението од кабинетот на Сиљановска – Давкова.
Таа му се заблагодарила на српскиот престседател Вучиќ за помошта на Србија во справувањето со пожарите во Северна Македонија и ја потенцирала важноста од засилена регионална соработка во справувањето со природните катастрофи.