| Macedonian
СВЕТ
6 МИН ЧИТАЊЕ
УНРВА: На северот на Газа, 60.000 луѓе остануваат без никаква помош
Тоа е невидено ниво на трагедија и хуманитарна криза, каде и да погледнете, луѓето се туркаат во постојано раселување, смрт и исчезнување, ова е катастрофа предизвикана од човекот и апсолутно е несовесно тоа да продолжи, рекоа од УНРВА
УНРВА: На северот на Газа, 60.000 луѓе остануваат без никаква помош
На северот на Газа има опсада од околу 60 дена и таму се затворени 60.000 луѓе, кои се целосно изолирани, немаат ниту храна ниту вода, рече Фаулер / Photo: AA / AA

Високиот директор за комуникации на Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот исток (УНРВА) Џонатан Фаулер изјави дека 60.000 луѓе на северот од Појасот Газа се изолирани и оставени да умрат под целосна израелска опсада.

Фаулер за АА зборуваше за хуманитарната катастрофа во Појасот Газа, кој од 7 октомври минатата година беше цел на брутални израелски напади и целосна блокада.

„Тоа е невидено ниво на трагедија и хуманитарна криза. Каде и да погледнете, гледате само катастрофа. Недостигаат лекови, храна, вода за пиење. Луѓето се туркаат во постојано раселување, смрт и исчезнување. Овде живеат околу два милиони луѓе и тие се целосно зависни од хуманитарна помош. Ова е катастрофа предизвикана од човекот и апсолутно е несовесно тоа да продолжи“, рече Фаулер.

Фаулер укажа на продолжувањето на израелската опструкција и намалувањето на бројот на камиони кои увезуваат хуманитарна помош и изјави дека само 75 камиони можеле да влезат во Појасот Газа од сите гранични премини на 27 ноември.

Потсетувајќи дека околу 500 камиони со помош мора да влегуваат дневно во Газа за да ги задоволат основните потреби на населението, Фаулер рече дека таа бројка никогаш не била достигната од 7 октомври 2023 година.

„Луѓето понекогаш ме прашуваат зошто има глад во Појасот Газа и зошто сум толку загрижен за овие работи. Не е комплицирано да се разбере. Ако ви требаат 500 камиони храна и други залихи дневно и добивате само 70, 80 или 90 полупразни камиони со помош, не е тешко да се разбере зошто луѓето толку многу страдаат“, рече Фаулер.

Нагласувајќи дека северниот дел од Појасот Газа е особено погоден од трагедијата, Фаулер рече дека во тој регион живеат околу 400.000 луѓе, но дека ОН и нивните партнери можат да допрат само до 340.000 од овие луѓе.

Фаулер рече дека УНРВА и другите агенции на ОН се обидуваат на овие луѓе да им обезбедат храна, медицински материјали, пластични засолништа за зимата и комплети за хигиена, но дека тоа не е доволно во споредба со нивните потреби.

Северот на Газа епицентар на хуманитарната трагедија

„Израел сè уште ни го забранува пристапот за нашата хуманитарна помош во северниот дел на Газа. Во основа, на северот на Газа има опсада од околу 60 дена и таму се затворени 60 илјади луѓе. Тие се целосно изолирани, немаат ниту храна ниту вода. Така луѓето се оставени сами да се снаоѓаат. Таму смртта демне на секој чекор. Северот на Газа е своевиден епицентар на актуелната хуманитарна трагедија во Појасот Газа, што е една од причините зошто е потребен пристап за хуманитарните работници и итен прекин на огнот, а исклучително е тешко да се добијат конкретни информации за тоа што се случува во тој регион. Се обидуваме да дојдеме до нашите палестински колеги на терен, но тие се во исклучително тешка ситуација. Тешко е да се добие точна слика за тоа што се случува, но со сигурност можеме да кажеме дека тоа е апсолутна катастрофа“, изјави Фаулер.

Тој нагласи дека има зголемени ризици од неухранетост на северот на Газа и додаде дека тоа не е изненадување со оглед на тоа што храната не е доставена веќе 60 дена.

„Луѓето во овој опколен регион ќе умрат од глад“, рече претставникот на УНРВА, додавајќи дека секојдневно се обидуваат да стигнат до луѓето кои имаат потреба во северниот дел на Газа, но нивниот пристап е блокиран од Израел.

Нагласувајќи дека постои стандардна оперативна процедура за работниците за хуманитарна помош во воените зони, Фаулер рече дека тие не можат да влезат во област што е небезбедна или каде што барањата за транспорт се одбиваат.

Време на тешки одлуки

Фаулер истакна дека на 1 декември хуманитарците на УНРВА морале да ја запрат испораката на хуманитарна помош за Појасот Газа од граничната порта Керем Абу Салим и дека тоа се случило и поради проблеми со безбедноста на операциите.

Тој нагласи дека хуманитарните работници мора да бидат безбедни и способни да ја вршат својата работа.

„Мораме да донесеме многу тешки одлуки. Еден од нив беше да се запре поминувањето на хуманитарна помош. Причината за тоа е што помошта е украдена кога пристигнала на другата страна на Појасот Газа, но таквата анархија, криминал и очај се секако резултат на војна. Одговорноста за заштита на хуманитарните работници и залихите со помош е на окупаторската сила, имено на Израел. Израелските власти мора да направат се за да обезбедат помошта безбедно да стигне до Газа“, рече Фаулер.

ИЗВОР:AA
Повеќе
Рутe: НАТО е солидарнa со Романија, ќе браниме секој сантиметар од териториjaта на членките
Песков: Европа во моментов е страна во конфликтот во Украина, не може да биде посредник
Фон дер Лајен и Калас со осуди за Русија по инцидентот во кој дрон погоди зграда во Романија
Нетанјаху се фали со окупација на 60% од Газа, наредувајќи проширување додека трае примирјето
ОН известуваат за најголем интензитет на израелски напади во Либан од априлскиот прекин на оган
Романија го повика рускиот амбасадор откако беспилотно летало се урна во станбена зграда
Дрон погоди зграда во Романија во близина на украинската граница, повредени се две лица
Белгија ќе произведува делови од борбениот авион Ф-35
Мицкоски: Наскоро ќе се гласа за Законот за правична застапеност
САД и Иран постигнаа привремен договор за прекин на огнот, се чека одобрение од Трамп
Шојгу: Нападот врз Киев може да се случи во секој момент
Германија нарача над 2.000 воени транспортни возила од „Рајнметал“
Шведска ќе издвои 2,7 милијарди долари воена помош за Украина
Сиљановска-Давкова: „Блесок 26“ беше момент на блескање на нашата Армија
Германија и Холандија ќе го предводат НАТО на Балтичкиот фронт