Убиени 11 лица во три американски напади врз наводни бродови за дрога
Според Јужната команда на вооружените сили на САД, во нападите загинале четири мажи на првиот брод во источниот Пацифик, четири на втор брод во истата област и три на трет брод во Карипското Море, кои се движеле по познати рути за шверц на наркотици
Јужната команда на САД денес објави дека извршила три воздушни напади врз бродови, според Командата наводно поврзани со нарко-картели, во водите на Тихиот Океан и Карипското Море, при што се убиени 11 осомничени шверцери на дрога.
Како што наведе Јужната команда на вооружените сили на САД, во објава на социјалната мрежа X, операцијата е спроведена вчера по наредба на генерал-командантот Франсис Л. Донован, а ја извршила Заедничката работна група „Јужно копје“.
Според соопштението објавено на мрежата X, разузнавачките информации потврдиле дека три брода, управувани од организации означени како терористи, се движеле по познати рути за шверц на наркотици и биле вклучени во такви активности.
Во нападите, наводно, загинале четири мажи на првиот брод во источниот Пацифик, четири на втор брод во истата област и три на трет брод во Карипското Море.
Според досегашните податоци, од септември 2025 година, САД извршиле повеќе од 40 напади врз бродови поврзани со трговија со дрога во Карипскиот регион, во кои, според тие извештаи, загинале 145 лица.