Денеска конференција на ОН за решението со две држави за Израел и Палестина
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро изјави дека ќе ја искористи конференцијата за да ги охрабри другите земји да ѝ се придружат на Франција во признавањето на палестинска држава
Десетици министри за надворешни работи ќе се соберат денес во Обединетите нации на конференција посветена на решение за израелско-палестинскиот конфликт со две држави, но САД и Израел ќе го бојкотираат овој состанок, објавија денес американските медиуми.
На Генералното собрание на ОН, одржано минатиот септември, беше донесена одлука оваа конференција да се одржи во 2025 година, а домаќините на состанокот - Франција и Саудиска Арабија - ја одложија во јуни откако Израел го нападна Иран, пренесува Ројтерс.
Конференцијата има за цел да утврди параметри на планот за патот кон палестинска држава, а воедно да ја обезбеди безбедноста на Израел.
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро изјави во интервју за весникот „Трибјун Диманш“ дека ќе ја искористи конференцијата за да ги охрабри другите земји да ѝ се придружат на Франција во признавањето на палестинска држава.
Франција има намера да ја признае палестинската држава во септември на годишниот собир на светските лидери во Генералното собрание на Обединетите нации, изјави францускиот претседател Емануел Макрон минатата недела.
„Ќе упатиме апел во Њујорк, за да ни се придружат и другите земји во започнувањето на уште поамбициозна и понапорна динамика што ќе кулминира на 21 септември“, рече Баро, додавајќи дека очекува арапските земји дотогаш да го осудат палестинскиот Хамас и да повикаат на разоружување на таа милитантна организација.