Трамвај излета од шините во Сараево: Едно лице загина, повеќемина се повредени
По излетувањето од шините, трамвајот завршил на сообраќајницата, што предизвикало сообраќаен метеж, како и оштетување на трамвајската станица, а екипи за итна помош и надлежните служби се на местото на настанот
Најмалку едно лице загина, а повеќемина се повредени денес откако трамвај излета од шините во центарот на Сараево, главниот град на Босна и Херцеговина.
Несреќата се случила во предпладневните часови спроти Националниот музеј на Босна и Херцеговина, а станува збор за трамвај што сообраќал на релацијата Железничка станица - Скендерија.
Екипата на АА од терен јави дека најмалку едно лице загинало, а повеќемина се повредени. Оваа информација за медиумите во БиХ ја потврди Министерството за внатрешни работи на Сараевскиот кантон.
По излетувањето од шините, трамвајот завршил на сообраќајницата, што доведе до сообраќаен метеж во овој дел од градот, како и оштетување на трамвајската станица. Екипи за итна помош и надлежни служби се на местото на настанот, а подрачјето на несреќата е заштитено со безбедносна лента.
Во моментов нема официјални информации од Оперативниот центар на Министерството за внатрешни работи на Сараевскиот кантон за причините за несреќата.