Бошњаците се нераскинлив дел од нашето мултиетничко општество, порача македонскиот премиер Христијан Мицкоски во честитката по повод 28 Септември - Меѓународниот ден на Бошњаците.
„По повод Меѓународниот ден на Бошњаците, упатувам искрени честитки до сите припадници на бошњачката заедница. Нашата различност е нашата сила, а заедничкиот живот, меѓусебното почитување и разбирањето се темелите врз кои ја градиме нашата држава. Бошњаците се нераскинлив дел од нашето мултиетничко општество, со својот богат културен идентитет, традиција и придонес во развојот на Македонија“, напиша премиерот Мицкоски во објава на социјалните мрежи.
Тој на граѓаните од бошњачката етничка заедница им посака здравје, успех и благосостојба, со уверување дека заеднички продолжуваме да градиме општество на еднакви можности, почит и доверба.
Бошњаците во земјава го одбележаа Меѓународниот ден на Бошњаците со низа настани од информативен, едукативен и културен карактер, испраќајќи ја пораката дека и тие се дел од мултиетничкиот мозаик на општеството и имаат исклучителен придонес во развојот на земјата во сите нејзини сфери.
Со измените на Законот за празници, 8. февруари 2007 година во Собранието на Република Македонија, 28 септември (Денот кога на Бошњачкиот сабор во Сараево 1993 година е вратено националното име Бошњак) прогласен е за Ден на Бошњаците во земјава.




























