| Macedonian
РЕГИОН
4 мин читање
Народен правобранител: Евидентирани 508 случаи на сексуална злоупотреба на деца за пет години
Според анализата на Народниот правобранител, најголем дел од случаите се однесуваат на тешки кривични дела, односно 186 случаи за силување на дете под 15 години, 99 случаи за полов напад и силување, како и 196 случаи за вонбрачен живот со дете
Народен правобранител: Евидентирани 508 случаи на сексуална злоупотреба на деца за пет години
Анализата укажува на сериозни институционални слабости во постапувањето, изјави заменик-народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа / Others

Во периодот од 2020 до 2024 година во државата се евидентирани 508 случаи на сексуална злоупотреба на деца, при што системот за заштита на жртвите реагира фрагментирано, не обезбедува навремена поддршка и често предизвикува секундарна виктимизација, покажуваат наодите од најновата анализа на Народниот правобранител.

„Сексуалната злоупотреба на деца е тешко препознатлива форма на насилство. Најчесто се случува во тишина. Жртвите молчат поради страв, срам и недоверба, oсобено кога сторителот е некој близок. Но проблемот не завршува тука. Кога случаите ќе стигнат до институциите, системот често реагира фрагментирано, без доволна координација и без пристап прилагоден на детето. Потребна е соодветна, навремена и ефективна институционална заштита на децата од сексуално насилство, односно систем и пристап кој го става детето во центарот“, го истакна Васка Бајрамовска-Мустафа, заменик-народниот правобранител.

Според податоците Анализата за сексуалната злоупотреба на деца во Република Северна Македонија: Состојба, институционален одговор и предизвици, изработена со поддршка од проектот „ЕУ владеење на правото“, финансиран од Европската Унија, од вкупниот број жртви во анализираниот петгодишен период, 455 се девојчиња, а 53 се момчиња.

Најголем дел од случаите, истакна, се однесуваат на тешки кривични дела, односно 186 случаи за силување на дете под 15 години, 99 случаи за полов напад и силување, како и 196 случаи за вонбрачен живот со дете.

Алармантниот тренд, вели Бајрамовска-Мустафа, продолжува и во текот на 2025 година кога се евидентирани нови 96 деца, жртви на кривични дела против половата слобода и морал, од кои 88 девојчиња и осум момчиња.

Над 57 отсто од жртвите се на возраст од 11 до 15 години, но, рече, регистрирани се и жртви на возраст под 10, па дури и под три години.

„Општа констатација е дека и покрај постоењето на формално-правна и стратешка рамка, системот за заштита на деца жртви не овозможува доследна, навремена и приспособена поддршка со почитување на принципот на најдобар интерес на детето. Дека сексуалната злоупотреба на деца претставува континуиран и системски проблем, го потврдуваат и податоците обезбедени од надлежните органи“, истакна Бајрамовска-Мустафа.

Анализата, додаде, укажува на сериозни институционални слабости во постапувањето. Кога случаите ќе стигнат до надлежните органи, системот реагира без доволна координација. Наместо заштита, таа вели децата се изложени на повторно преживување на траумата преку повеќекратно сослушување, спротивно на законската одредба за еднократно интервјуирање.

Утврден е, исто така и недостиг на соодветни простори за испрашување, обучен кадар и мултидисциплинарна координација во центрите за социјална работа. Судските постапки траат и до две години, а механизмите за обесштетување се речиси нефункционални, со поднесени само две барања за паричен надоместок кои не резултирале со реална поддршка.

„Безбедноста на децата не смее да остане на ниво на формални процедури. Таа мора да биде навремена, координирана и доследно спроведена, затоа што секое доцнење или пропуст директно се одразува врз детето. Секое дете има право на безбедност, достоинство и заштита и тоа право мора да биде реално, а не декларативно“, потенцираат од институцијата Народен правобранител.

За надминување на состојбите, се препорачува воведување на мултидисциплинарниот модел „Барнахус“, кој овозможува интегрирана правна, психолошка и здравствена заштита на детето на едно место. Во делот на превенцијата, во соработка со Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и Бирото за развој на образованието, спроведена е адаптација на меѓународната кампања „Еден од пет. Стоп за сексуално насилство врз деца“, преку која се обучени повеќе од 350 стручни лица во училиштата и градинките.

Одговарајќи на новинарски прашања во врска со казнената политика, Бајрамовска-Мустафа посочи дека изрекувањето максимални казни би помогнало во превенирањето повратништво кај сторителите.

Во однос на регистарот на педофили, нагласи дека потребата за негово поредовно ажурирање и зголемување на достапноста со цел подобра информираност на образовните установи и семејствата.

За актуелните случаи на сексуална злоупотреба кои предизвикаа реакција во јавноста, Бајрамовска-Мустафа појасни дека се постапува по допрен глас.

„Жртвите не доставуваат претставки, родителите не доставуваат претставки кај Институцијата, меѓутоа од аспект на заштитата на децата, од аспект на мониторирање на ефикасноста на постапувањето на институциите, во смисла на тоа колку процесно се заштитува детето во овие постапки, без разлика дали станува збор за постапка пред Јавно обвинителство, судство и така натаму, ние ги следиме согласно нашите надлежности, по сопствена иницијатива“, заклучи заменик-народната правобранителка.

Повеќе
Зеленски: Украина ќе почне да извезува вишок оружје
Сенатот го блокираше обидот за спречување на евентуална воена акција на Трамп против Куба
Ултраортодоксни демонстранти упаднаа во домот на началникот на воената полиција во јужен Израел
Еден Палестинец убиен во израелска воена рација на Западниот Брег
Израел уби осум лица во јужен Либан, меѓу нив и болничари
Косово пред нови парламентарни избори откако не се избра претседател на државата
Трамп наложил продолжување на поморската блокада на Иран
Курти: НАТО е стратешка ориентација за Косово
Трамп: Американците немаат поблиски пријатели од Британците
Хакан Фидан на самитот на Иницијативата за три мориња во Дубровник
Обединетите Арапски Емирати ги напуштија ОПЕК и ОПЕК+
Карис: Европа мора да биде подготвена за сѐ во украинската војна
Туркије ќе го извезува домашниот авион за обука „Хурџет“ во Шпанија
Хрватска и БиХ потпишаа договор за гасоводот Јужна интерконекција
Дали Израел го реплицира моделот на Газа во Либан со својата тампон-зона „Жолта линија“?