Собранието со 58 гласа „за“ и шест „против“, по скратена постапка, го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за земање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување.
Измените предвидуваат воведување лична изјава кај матичен лекар за дарување органи по смртта, со што се напушта досегашниот модел на претпоставена согласност.
Граѓаните ќе имаат можност сами да се изјаснат дали сакаат или не сакаат по смртта да бидат органодарители. Изјавата ќе се евидентира во електронскиот систем „Мој термин“, со двојна верификација, а граѓаните во секое време ќе можат да ја изменат или повлечат својата одлука. Тоа треба да овозможи поголема доверба, транспарентност и информираност за органодарителството.
Со законските измени се проширува кругот на живи дарители на органи, така што покрај досегашните, ќе можат да бидат и сродници до четврто колено.
За секој случај ќе одлучува Етичка комисија, која ќе ја утврдува доброволноста на одлуката и ќе проверува дали постои притисок, манипулација или трговија со органи.
Министерот за здравство Азир Алиу, образложувајќи го законот, рече дека измените имаат за цел да го унапредат системот за трансплантација и да обезбедат поголема заштита на личната волја на граѓаните.
„Со ова, личната волја на граѓанинот добива јасно место, а системот добива пофункционална и поефикасна рамка за органодарителство и трансплантација. Ова е чекор со кој државата создава повеќе можности за лекување и повеќе шанси за оние што чекаат нов почеток. Органодарителството е најсилниот доказ дека и во најтешкиот миг, човечноста може да продолжи да живее“, рече Алиу.
Со усвојувањето на овој закон се унапредува правната и институционалната рамка за органодарителство и трансплантација, преку појасно изразување и евидентирање на личната волја на граѓаните, проширување на можностите за лекување и отстранување на дел од административните пречки во системот.
„Законот претставува значаен чекор кон пофункционален, поефикасен и подостоинствен систем на органодарителство и трансплантација, во интерес на пациентите и на јавното здравје. Министерството за здравство останува посветено на понатамошно зајакнување на трансплантацискиот систем, подигнување на јавната свест и градење доверба, затоа што органодарителството ѝ дава највисока смисла на човечноста“, рече министерот.















