Подвиг за восхит: Студенти од УКИМ направија формула

Интересно за ова возило е тоа што тежи околу 300 килограми. Засега студентите велат дека немаат конкретни податоци околу максималната брзина на формулата, но отприлика односот на тежина и моќ би можел да се спореди со автомобилот „Порше карера“.

By
Подвиг за восхит: Студенти од УКИМ направија формула / TRT Balkan

Благодарение на 49-те креативни и талентирани студенти од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, овој универзитет се најде на мапата на формулите. Овие студенти ги споила желбата да создадат нешто подобро, поинакво и уникатно, па со голем труд, храброст и љубов кон она кое го учат создаваат болид кој моментално го подготвуваат за да се претстави на светските натпревари. 

Пред камерата на „ТРТ Балкан“ своето досегашно искуство го раскажаа студентите од Машинскиот факултет, Григор Јаковлески - лидер на тимот спонзорства и електроника и Марин Митровски - лидер на маркетинг тимот. Тие подетално нѐ упатија во целиот процес на подготовка на формулата, тимовите кои работат на овој проект, нивната финална цел и следните чекори. 

„Двајца студенти на Машинскиот факултет пред околу две години ја донесоа идејата и со многу мака и многу трпение успеаја да ја направат оваа прва формула. Пред тоа, немало ништо вакво на нашиот факултет и мислам дека е одличен проект на којшто можат студентите да се надоврзат и да остварат некое практично искуство.“ - изјави Јаковлески. 

Интересно за ова возило е тоа што тежи околу 300 килограми. Засега студентите велат дека немаат конкретни податоци околу максималната брзина на формулата, но отприлика односот на тежина и моќ би можел да се спореди со автомобилот „Порше карера“. 

На целиот проект работат 49 студенти, а како што најавуваат лидерите на тимовите, од почетокот на следната година ќе се објави повик со кој се очекува оваа бројка да се зголеми. Лидерот на тимот за спонзорства и електроника, Јаковлески ни откри каква е соработката меѓу студентите: 

„Функционираме како некоја мала фирма, со тоа што поделени сме во тимови како спонзорство, маркетинг, а имаме и други тимови што се потехнички како што се електроника, погон, аеродинамика, шасија и кинематика и динамика.“ - вели тој. 

Марин Митровски, лидерот на тимот за маркетинг откри која е финалната цел на која работат подготвувајќи ја формулата. 

„Нашата финална цел е да добиеме краен производ односно формула со којашто ќе се натпреваруваме на светско ниво и исто така да ги поттикнеме младите студенти да се пријават и да учествуваат на вакви настани.“ - рече тој. 

Како нивни следни чекори кои планираат да ги преземат се подобрување на формулата достигнувајќи го нејзиното најдобро издание во кое може да се претстави со цел да сеосвојат нови титули во следните сезони.

Автор: Јована Трајковска