Во време кога огромен дел од младите жени се борат меѓу работни обврски, недостиг на време и притисокот да стигнат сѐ, Сандра Георгиева тргнала по сосема поинаков пат. Наместо да се приспособи на брзиот ритам и да бара готово решение, таа избрала да создаде свое. Од потребата на една мајка да обезбеди здрави, природни и удобни први чекори за својата ќерка, никна бренд што денес е препознатлив симбол на љубов, грижа и креативност.
Во втората епизода од серијалот „Мотиватори“: „Меки чекори“, заедно со Георгиева за ТРТ Балкан, сакавме да ја доловиме токму таа тивка, но моќна одлука: да се претвори мајчинската грижа во производ кој носи вредност, да се вложи труд, нега и љубов таму каде што најмногу значи: кај здравјето и удобноста на најмалите. Георгиева не тргнала да гради бизнис, туку да создаде нешто вистински корисно за своите ќерки. Сè останато- успехот, растот, брендот- дошло подоцна, како природна последица од нејзината посветена работа и искрена желба да придонесе.
Георгиева пренесе дека идејата за создавање бебешки обувки се родила многу едноставно, од желбата да ја пронајде вистинската, здрава, удобна и природна обувка за нејзината првородена ќерка. Потврди дека уште од мали нозе негувала силна љубов кон чевлите, внимателно бирајќи ги материјалите, кроевите и удобноста. Кога увидела дека на пазарот нема производ што ги исполнува нејзините стандарди, решила: „Тогаш сама ќе ги создадам.“
Таа нагласи дека почнала од нула, со туторијали, со проби, со многу трпение. Брзо ја совладала техниката и вели дека „нескромно може да признае“ дека била вешта и решителна да го претвори целиот процес во сериозна бизнис идеја. Првите чевлички ги сошила за нејзината ќерка, Деница. Потоа, како што објаснува, се случило нешто природно: „Ако можам да ги направам за мојата ќерка, зошто да не можам и за други дечиња?“
Кога зборува за материјалот, Георгиева потенцира дека кожата ја избрала сосема свесно, како природен, безвременски материјал кој „дише“ и кој им овозможува на малите стапала да растат здраво. Таа верува дека импактот на нејзиниот бренд е голем бидејќи, како што вели, „главната цел отсекогаш била здравјето на децата“. Со секоја изработена обувка, таа чувствува дека придонесува за добросостојбата на најмалите, но и дека создава македонски производ со кој сите можат да се гордеат.
Кога зборува за мотивацијата, Георгиева искрено пренесе дека најголем двигател и се двете нејзини ќерки. Тие се причината што секој ден сака да биде подобра, посилна и посовесна. Потврди дека сака да им биде модел, жена која знае да ги држи конците во свои раце, која создава, која не се плаши да започне од нула. „Овој бизнис го гледам како еден успешен проект и мислам дека им оставам добар пример“, вели таа.
Но, таа не ја заборава и другата страна, потрошувачите. Потенцира дека искуствата со родителите кои ги носат нејзините производи се секогаш позитивни, без исклучок. „Кога ќе чуеш дека нечие дете чекори удобно и здраво поради нешто што ти си го создал, тоа е најголемата награда.“
Во „Мотиватори: Меки чекори“ ја пренесуваме приказната на една жена која од мајчинска грижа создаде бренд, од храброст создаде визија, а од љубов кон своите ќерки создаде нешто што денес инспирира многу други жени. Георгиева е потсетник дека секоја идеја, ако е водена од љубов, упорност и волја може да прерасне во приказна што инспирира.



























