Секој четврти Американец верува дека пукањето во април на вечерата на дописниците од Белата куќа било исценерено, откри новата анкета на „Њузгард“.
Минатата недела, федерална голема порота во Вашингтон го обвини вооружениот напаѓач Кол Томас Ален за четири кривични дела, вклучувајќи го и обидот за атентат врз претседателот Доналд Трамп.
Анкетата покажа дека 24% од возрасните во САД веруваат дека инцидентот во хотелот „Вашингтон Хилтон“ бил лажен, додека 45% го сметаат за легитимен. Други 32% рекле дека не се сигурни. Анкетата на 1.000 возрасни Американци ја спроведе „ЈуГов“ од 28 април до 4 мај.
„Многу е впечатлив резултат“, рече Софија Рубинсон, уредничка во Њузгард. Таа смета дека наодите го одразуваат растечкиот јавен скептицизам кон власта и медиумите.
„Сè повеќе луѓе од сите страни на политичкиот спектар немаат доверба и во оваа администрација и во медиумите“, рече таа, додавајќи дека многумина се подготвени да веруваат во непотврдени информации на интернет.
Белата куќа ги отфрли теориите на заговор во соопштение издадено по објавувањето на резултатите.
„Секој што мисли дека претседателот Трамп ги инсценирал своите обиди за атентат е целосен идиот“, рече портпаролот Дејвис Ингл.
Инцидентот во април следеше по два обиди за атентат врз Трамп во 2024 година: еден на митинг во Батлер, Пенсилванија, и друг во голф клубот „Трамп Интернешнл“ во Вест Палм Бич, Флорида.
Анкетата, исто така, покажа дека 24% од Американците веруваат дека обидот за атентат на митинг кога Трамп беше погоден во увото бил инсцениран, при што 29% не се сигурни; а 16% од испитаниците рекле дека веруваат дека обидот за атентат на голф теренот бил инсцениран, а 36% не се сигурни.



















