Американски и израелски авиони погодија ирански бродови јужно од иранскиот остров Ларак во Ормускиот Теснец, при што загинаа „неколку ирански државјани“, објави денес полудржавната иранска новинска агенција Фарс.
Иако медиумот не го потврди точниот број загинати, некои медиуми јавија дека во нападите се убиени четири лица.
Извештаите доаѓаат во време на тековно примирје и зголемени дипломатски напори за трајно завршување на американско-израелската војна против Иран.
Во вторник, американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека договорот за завршување на војната „ќе потрае неколку дена“ за да се финализира, дури и додека страните се приближуваат кон договор за тоа како треба да изгледа.
„Мислам дека постои силна усогласеност и согласност за тоа како треба да изгледа прелиминарниот нацрт. Мислам дека, како и за сè со нешто вакво, ќе потрае неколку дена за да се постигне договор, дури и за несогласувањата околу еден збор, реченица“, изјави Рубио, кој е и советник за национална безбедност на претседателот Доналд Трамп, пред новинарите на пат кон Њу Делхи.
Рубио продолжи да ги критикува напорите на Иран да го затвори Ормутскиот теснец за комерцијален сообраќај, велејќи дека тоа е „незаконско, нелегално, неодржливо“.
„Нема земја во светот што е за систем на наплата на патарини, освен режимот во Иран. Значи, тоа не е прифатливо. Тоа не може да се случи“, рече тој.
„Теснаците треба да бидат отворени, непречени, без патарини и очигледно тоа треба да се случи“.
Американско-израелската војна започна со напади врз Иран на 28 февруари, а потоа следеше иранска одмазда насочена кон Израел и американските сојузници во Заливот, бидејќи Техеран го затвори Ормускиот Теснец.
Прекинот на огнот стапи на сила на 8 април преку пакистанско посредништво, но разговорите во Исламабад не доведоа до траен договор.
Трамп подоцна го продолжи примирјето на неодредено време, додека одржуваше блокада на бродовите што патуваат до или од иранските пристаништа преку стратешкиот воден пат. Минатата недела, тој рече дека договорот е „во голема мера договорен“ и чека финализирање.












