Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес изјави дека „руската агресивна војна премина уште една граница“ откако руски дрон удри во станбена зграда во Романија и повреди две лица, и изјави дека Европската унија ќе продолжи да ја зајакнува безбедноста и одбраната на источните граници на блокот.
Фон дер Лајен изјави на социјалната мрежа X дека инцидентот се случил на територијата на Европската Унија и изрази целосна солидарност со Романија и нејзините граѓани.
„Руската агресивна војна премина уште една граница. Руски дрон влета и погоди густо населена област во Романија, повредувајќи цивили. На територијата на Европската Унија“, изјави Фон дер Лајен во објава на социјалната мрежа X.
Таа рече дека Европската Унија стои зад Романија и ќе продолжи да ги зајакнува безбедносните и одбранбените капацитети, особено на источните граници, со дополнителен притисок врз Русија.
„Го подготвуваме 21-от пакет санкции“, заклучи претседателката на Европската комисија.
Според високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, падот на рускиот дрон врз станбена зграда во Галац е очигледно и сериозно кршење на суверенитетот на Романија и европскиот воздушен простор.
„Утрово разговарав со министерката за надворешни работи, Оана Коџу, за да ѝ ја пренесам целосната солидарност на ЕУ со Романија. Русија одамна престана да ги почитува границите. На Москва не може да ѝ се дозволи неказнето да го нарушува европскиот воздушен простор“, напиша Калас на мрежата X.
Таа додаде дека министрите за надворешни работи на ЕУ вчера ветија дека ќе го интензивираат притисокот врз Русија, ќе ја зголемат поддршката за Украина и ќе инвестираат во одбранбената подготвеност на самата Европа.
Утрово, дрон се урна во станбена зграда во градот Галац во Романија, по што следеше експлозија и пожар во стан на 10-тиот кат од зградата.
Двајца повредени лица се пренесени во локалниот центар за итни случаи.










