Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, вчера изјави дека проширувањето на Европската Унија во наредните години е реално и дека Црна Гора би можела да биде првата следна членка, по што следи Албанија.
Зборувајќи на конференцијата во Фрајбург, Кос истакна дека сè уште постои скептицизам во делови од Западен Балкан во врска со можноста за членство во ЕУ, но дека напредокот на Црна Гора и Албанија би можел да послужи како поттик за другите земји во регионот, пренесува РТЦГ.
„Сега е сосема реално Европската Унија да се прошири во наредните години. Се надевам дека позитивниот пример на Црна Гора и Албанија ќе ги инспирира другите земји да го следат истиот пат“, рече Кос.
Таа додаде дека идните договори за пристапување ќе содржат нови одредби што ќе ѝ овозможат на Европската комисија да воведе санкции во случај на прекршување на правилата и вредностите на Унијата.
Според неа, договорот за пристапување на Црна Гора ќе биде првиот што ќе вклучува посебни заштитни механизми, изведени од искуствата на ЕУ со поединечни земји-членки.
Кос нагласи дека ЕУ сака да спречи појава на таканаречени „тројански коњи“ во своите редови.
„Да ме прашавте тоа пред пет или десет години, ќе речев дека е апсурдно. Но, сега разбираме дека мора да можеме да се заштитиме“, рече европскиот комесар.
Минатиот месец, Црна Гора направи уште еден чекор напред во процесот на пристапување кон Европската Унија, откако членовите на ЕУ се согласија да започнат со работа на договорот за пристапување за балканската земја.














