Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) го поддржа развојот на голем проект за ветерна енергија во Северна Македонија, кој ќе биде прв голем приватен проект од ваков вид во земјата финансиран без државна поддршка.
ЕБОР ќе обезбеди финансирање до 42 милиона евра за проектната компанија „СТП ВИНД“ (STP WIND), во сопственост на Алказар Енерџи Парнерс II (Alcazar Energy Partners II), како дел од поширок финансиски пакет во кој се вклучени меѓународни партнери.
Како што соопшти инвестициската банка со седиште во Лондон, инвестицијата ќе ја поддржи првата фаза од ветерната електрана во Штип, која ќе има инсталиран капацитет од 131 мегават.
Проектот е поддржан со долгорочен корпоративен договор за обновлива енергија со голем меѓународен откупувач, кој има цел да обезбеди стабилност на цените, а истовремено да овозможи учество на либерализираниот пазар на електрична енергија.
Се очекува по пуштањето во употреба ветерниот парк годишно да произведува значителни количества електрична енергија од обновливи извори, намалувајќи ги емисиите на стакленички гасови и придонесувајќи за постепена замена на застареното производство на електрична енергија од јаглен.
Кога ќе биде целосно развиен, се очекува поширокиот комплекс во Штип да стане еден од најголемите капацитети за обновлива енергија во Северна Македонија и да даде значаен придонес во енергетската безбедност и одржливост на земјата.
Проектот е во согласност со целите на ЕБОР за зелена транзиција и ги поддржува амбициите на Северна Македонија за декарбонизација во рамките на националните политики за енергетика и клима.
Хари Бојд-Карпентер, управен директор на ЕБОР за одржлива инфраструктура, изјави дека успешното финансиско реализирање на ветерниот парк во Штип претставува „голем чекор напред“ за енергетската транзиција на Северна Македонија.
Тој истакна дека на ЕБОР ѝ е мило за поддршката на компанијата Алказар Енерџи во нејзината прва инвестиција на Западен Балкан, мобилизирајќи приватен капитал за изградба на поодржлива енергетска иднина за земјата и регионот.
Даниел Калдерон, коосновач и управен партнер на Алказар Енерџи, изјави дека реализацијата на прв проект од ваков вид и со ваков обем во една земја носи значителни предизвици.
Покрај влијанието врз климата и енергетскиот сектор, според ЕБОР, проектот ќе вклучува и иницијативи за поддршка на локалните заедници и развој на вештини, со посебен фокус на инклузивноста.
ЕБОР е еден од водечките институционални инвеститори во Северна Македонија и со години поддржува проекти во областа на обновливата енергија, одржливата инфраструктура и развојот на приватниот сектор.






















