Продлабочување на билатералната соработка, зајакнување на економските и трговските врски, поддршка за стабилноста на Западен Балкан и европската интеграција, беа темите за кои денес во Скопје разговараа министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и министерот на Сојузниот оддел за надворешни работи на Швајцарија и претседавач со ОБСЕ, Ињацио Касис.
За Муцунски посетата има двојно значење бидејќи, покрај билатералните прашања, во фокусот е и улогата на Касис како претседавач со ОБСЕ.
„Со министерот Касис разговаравме за продлабочувањето на билатералната соработка со посебен акцент на трговијата, економијата и инвестициите. Оценивме дека постојат значајни можности за зајакнување на економските врски преку поголема поврзаност помеѓу деловните заедници и нови партнерства во повеќе области. Целта е економската соработка да стане уште посилен столб на односите и да создава можности за соработка и за граѓаните“, истакна Муцунски.
Во однос на европската интеграција, тој ја повтори определбата на земјата за европска иднина и истакна дека со Касис разговарале за реформскиот процес и стратешката цел на Македонија, полноправно членство во Европската Унија.
На средбата се разменети мислења и за актуелното швајцарско претседавање со ОБСЕ и безбедносните состојби во Европа.
„Уверен сум дека, под швајцарското претседавање, ОБСЕ ќе продолжи да има важна улога во градењето доверба, дијалогот и безбедноста. Во овие напори, Швајцарија ја има цврстата поддршка од наша страна“, нагласи Муцунски.
Касис истакна дека Швајцарија има одлични билатерални односи со Македонија од почетокот на нејзината независност, без разлика што ова е негова прва посета во деветте години на министерската функција.
Во своето обраќање издвои три аспекти на односите и соработката- хуманата димензија и разновидноста, економската соработка, како и стабилноста и европската интеграција.
Тој се заблагодари и за придонесот на македонската дијаспора во Швајцарија, која, како што посочи, брои речиси 100.000 лица.
Касис оцени дека дијаспората придонела и за поттикнување на швајцарската поддршка за развојот на балканскиот регион по распадот на Југославија кога земјите од регионот требало одново да ги изградат своите институции и општества.
Тој оцени дека економските односи се еден од најважните сегменти што треба да се развиваат нагласувајќи дека трговијата и економската размена придонесуваат за мир и стабилност.
Касис посочи дека ОБСЕ може да помогне во процесот на интеграција преку набљудување и анализа на состојбите во владеењето на правото, како и преку олеснување на односите со соседните земји.
Во таа насока, нагласи дека организацијата преку својата мисија во земјата е подготвена да продолжи да дава поддршка.
„Ние сакаме да се задржи довербата бидејќи, без доверба, нема безбедност, а без безбедност-нема ни просперитет. Тоа се трите концепти што Швајцарија ги избра како слоган за ОБСЕ“, порача Касис.
Тој нагласи дека просперитетот и стабилноста на Западен Балкан се приоритет за Швајцарија и за целиот регион на ОБСЕ, при што ја поздрави и поддржа европската перспектива на земјата за која оцени дека ќе придонесе за зајакнување на нејзината позиција во поширокиот безбедносен и политички контекст.
Во таа насока, нагласи Касис, организацијата преку својата мисија во земјата е подготвена да продолжи да дава поддршка.
„За организации како ОБСЕ ова е моментот кога треба да бидат корисни. Лесно е да се биде организација во која се разговара за убави работи и за кои сите се согласуваат. Многу потешко е да се биде организација што треба да се соочи со длабоки несогласувања во толкувањето на реалноста и во однос на иднината што треба да им се обезбеди на земјите“, рече шефот на швајцарската дипломатија.
Тој упати апел до државите да ја преземат одговорноста за одржување на дијалогот, посочувајќи дека токму тоа е една од основните задачи на ОБСЕ.





















