Туркије го осуди проширувањето на израелската контрола врз окупираниот Западен Брег
Во заедничката изјава се отфрлаат мерките на Израел насочени кон преобликување на демографскиот состав и статусот на окупираната палестинска територија од 1967 година, вклучително и Источен Кудс (Источен Ерусалим).
Туркије, Арапската лига, Организацијата за исламска соработка (ОИС) и уште 18 земји „најостро“ осудија низа неодамнешни израелски одлуки за драстично проширување на незаконската израелска контрола врз окупираниот Западен Брег.
„Промените се сеопфатни – прекласифицирање на палестинско земјиште во таканаречено израелско ‘државно земјиште’, забрзување на нелегалните населбени активности и дополнително зацврстување на израелската администрација“, се наведува во изјавата од понеделникот, потпишана од министрите за надворешни работи на Туркије, Бразил, Франција, Шпанија, Саудиска Арабија и други земји, како и од ОИС и Арапската лига.
Министрите нагласија дека израелските населби претставуваат „флагрантно кршење на меѓународното право“, вклучително и претходните резолуции на Советот за безбедност на ОН и Советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата од 2024 година.
„Овие најнови одлуки се дел од јасна насока која има цел да ја промени состојбата на терен и да придвижи неприфатлива де факто анексија“, се наведува во соопштението, со предупредување дека овие чекори ги поткопуваат напорите за мир и стабилност во регионот и ги загрозуваат перспективите за суштинска регионална интеграција.
Повикувајќи ја израелската влада веднаш да ги поништи одлуките, министрите ја повикаа да ги почитува своите меѓународни обврски и да се воздржи од активности што трајно би го измениле „правниот и административниот статус на окупираната палестинска територија“.
„Овие одлуки следуваат по невиденото забрзување на израелската политика на населување, со одобрувањето на проектот Е1 и објавувањето на тендерот за него. Таквите постапки претставуваат намерен и директен напад врз одржливоста на палестинската држава и спроведувањето на решението со две држави“, се наведува во изјавата.
Во тој контекст, министрите повторно ја истакнаа својата одлучна спротивставеност на сите мерки „насочени кон менување на демографскиот состав, карактерот и статусот на палестинската територија окупирана од 1967 година, вклучително и Источен Кудс (Источен Ерусалим)“.
„Се спротивставуваме на каква било форма на анексија“, додаваат тие.
„Крај на насилството од доселениците“
„Со оглед на загрижувачката ескалација на Западниот Брег, исто така го повикуваме Израел да стави крај на насилството од доселениците врз Палестинците, вклучително и преку повикување на одговорност на одговорните“, нагласија тие.
Истакнувајќи ја важноста од зачувување на историскиот и правниот статус кво во Кудс (Ерусалим) и неговите свети места, особено за време на светиот месец Рамазан, министрите предупредија дека повторените прекршувања претставуваат закана за регионалната стабилност.
„Ја потврдуваме нашата посветеност да преземеме конкретни чекори, во согласност со меѓународното право, за да се спротивставиме на проширувањето на нелегалните населби на палестинска територија, како и на политиките и заканите со присилно раселување и анексија“, наведоа тие.
Дополнително, тие го повикаа Израел веднаш да ги ослободи задржаните даночни приходи што ѝ припаѓаат на Палестинската самоуправа во согласност со Протоколот од Париз од 1994 година, истакнувајќи дека тие средства се од суштинско значење за обезбедување основни услуги за палестинското население во Газа и на окупираниот Западен Брег.
Повторувајќи ја својата посветеност на праведен, сеопфатен и траен мир, министрите нагласија дека решавањето на израелско-палестинскиот конфликт врз основа на решението со две држави и во согласност со релевантните резолуции на ОН и границите од 4 јуни 1967 година останува клучно за регионалниот мир, стабилност и интеграција.
„Само преку остварување независна, суверена и демократска палестинска држава може да се постигне соживот меѓу народите и државите во регионот“, се додава во изјавата.
Мухаммед Машук Јилдиз