Рускиот претседател Владимир Путин и иранскиот претседател Масуд Пезешкијан разговараа за регионалните тензии и билатералните односи за време на средбата во вторникот, на маргините на 8. Самит на Форумот на земји извознички на гас во Москва.
Во своето воведно обраќање на средбата, Путин го опиша самитот како „прилично успешен“ и истакна дека билатералните средби меѓу лидерите учесници биле „исто така многу корисни“.
Осврнувајќи се на ситуацијата во регионот, Путин изјави: „Како што знаете- а ние тукушто разговаравме за состојбата во регионот во формат ’еден на еден‘- таа секако претставува причина за загриженост, не само за нас, туку особено за нас, со оглед на тоа што тесно соработуваме со Иран. Ние сме соседи, делиме многу заеднички интереси и се стремиме кон нивно остварување. Се надеваме дека ситуацијата ќе се развива во позитивна насока“, рече Путин.
Рускиот претседател нагласи дека Москва ги исполнува своите обврски во рамките на сите заеднички проекти со Техеран.
Тој наведе дека билатералната трговска размена се зголемила за 10,4% во текот на првите осум месеци од годината, додека изградбата во нуклеарната централа „Бушер“ продолжува.
„Секогаш ни е драго да Ве видиме во Москва, во Русија, почитуван господине претседателе. Мило ни е што имаме можност да разговараме за актуелни прашања и да размениме мислења за нашата билатерална агенда“, рече Путин.
Од своја страна, Пезешкијан му се заблагодари на Путин за гостопримството и ги опиша нивните контакти како „секогаш високо продуктивни“.
„Ни давате поддршка и во политичките и во економските прашања. Навистина сме благодарни за Вашата поддршка и помош“, рече Пезешкијан.
Тој, исто така, се согласи со оценката на Путин дека трговската соработка меѓу двете земји „расте и се развива“.
Пезешкијан истакна дека „агресивните чекори преземени од страна на Американците во регионот“ ја покажале потребата од работа кон создавање мултиполарен свет, што тој го опиша како „корисно за сите нас“.
„Ми се чини дека можеме да работиме на решавање на сите проблеми што постојат во нашиот регион“. „Ние сме способни да ги решиме сите наши проблеми- сите регионални прашања- без Соединетите Држави“, рече тој.
„Нема потреба да се потпираме на американска помош во регионот, став со кој некои земји во нашиот регион можеби нема да се согласат, но, всушност, тоа едноставно не е така“, додаде тој.
Претходно во вторникот, Путин и Пезешкијан се обратија на 8. Самит на Форумот на земји извознички на гас.























