Во рамките на ЕУ расте решителноста да му се возври на Трамп, па претходно денес Европскиот парламент формално ја замрзна ратификацијата на трговскиот договор меѓу ЕУ и САД постигнат минатото лето.
Трговскиот договор меѓу ЕУ и САД е ставен на чекање „од солидарност“ поради заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за царини врз европските земји поради Гренланд.
Германскиот европратеник Бернд Ланге, претседател на Парламентарниот комитет за меѓународна трговија (ИНTE) и постојан известувач за САД, и известувачите во сенка постигналe договор во среда да ги одложат преговорите за два законски предлози „од солидарност“ по заканите на Трамп за царини врз земјите што испратија војници во Гренланд.
Минатиот јули, ЕУ и САД постигнаа политички договор за царински и трговски прашања. Комисијата потоа објави два законски предлози насочени кон спроведување на одредени царински аспекти од Рамковниот договор меѓу ЕУ и САД. Комитетот ИНTE е одговорен за обликување на овие закони во Парламентот и за водење преговори со владите на ЕУ за конечната форма на царини за стоки увезени од САД.
Првиот законски акт се однесува на продолжување на бесцаринскиот режим за увоз на јастог, додека вториот се однесува на отстранување на царините за индустриски производи од САД и обезбедување преференцијален пристап до пазарот на ЕУ за одредени американски рибарски производи и несензитивни земјоделски производи.
Ланг рече и дека Европскиот парламент во понеделник ќе побара од Европската комисија да ја започне постапката за активирање на инструментот против економска принуда (АЦИ), најмоќното трговско оружје на ЕУ, против САД.
„Очекувам координаторите да одлучат да побараат покренување истражна постапка во врска со инструментот против принуда. Секако, сè уште има време до понеделник и ќе видиме што ќе се случи“, изјави Ланг.
„Европа мора да зборува јазик што Трамп го разбира. Подготвени сме да започнеме со АЦИ. Би сакала одлуката да биде донесена денес, но се надевам на силна и унифицирана изјава во понеделник. Немаме време за губење“, изјави Карин Карлсбро, европратеничка и членка на групата Да ја обновиме Европа.
Јирген Ворборн од Европската народна партија (ЕПП) зазеде повнимателен став, одразувајќи ја трансатлантската ориентација на неговата партија, додавајќи дека ЕУ сега треба дополнително да координира и да ги разгледа сите опции во случај на нови потези на САД.
Инструментот против економска принуда, усвоен во 2023 година, ѝ овозможува на ЕУ да го ограничи пристапот до единствениот пазар од 500 милиони потрошувачи и предвидува широк спектар на контрамерки, вклучувајќи ограничувања на инвестициите, повлекување на заштитата на правата на интелектуална сопственост, суспендирање на деловните лиценци за компаниите, како и забрана за пристап до јавни набавки, но досега не е спроведен во пракса.
Според сегашните правила, Европската комисија има четири месеци да процени дали постои економска принуда, по што земјите-членки одлучуваат со квалификувано мнозинство за активирање на инструментот.
Трговијата со стоки и услуги меѓу ЕУ и САД се дуплираше во последната деценија и ќе надмине 1,6 трилиони евра во 2024 година, при што трговијата со стоки ќе изнесува 867 милијарди евра, а со услуги 817 милијарди евра.










