Училиштата на турската фондација „Маариф“, во Скопје го одбележаа Меѓународниот ден на толеранцијата
Значајно е да се одржи оваа програма во земја како Северна Македонија, која им овозможува на сите етнички групи да ги практикуваат својата култура, јазик и верувања изјави, Осман Демирѓул, претставник на „Маариф" за Северна Македонија
Училиштата на турската фондација „Маариф“ (ТМВ) во Северна Македонија, на плоштадот „Македонија” во Скопје организираа активност по повод Меѓународниот ден на толеранцијата.
На настанот присуствуваа македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова, турскиот амбасадор во Скопјe, Фатих Улусој, пратеници, наставници, ученици и други гости.
Осман Демирѓул, претставник на ТМВ за Северна Македонија, во својот говор изјави дека училиштата на ТМВ, кои работат во 64 земји како глобална образовна организација, се здружија со млади Македонци, Албанци, Турци, Босанци, Роми и сите етнички групи и верувања за да ја покажат својата волја да живеат со почит, во согласност со значењето на толеранцијата.
„Исклучително е значајно да се одржи оваа програма на плоштадот во Скопјe во земја како Северна Македонија, која им овозможува на сите етнички групи да ги практикуваат својата култура, јазик и верувања и може да послужи како пример за толеранција“, рече Демирѓул.
Како дел од програмата беа прикажани слики подготвени од ученици од училиштата на ТМВ, а учениците изведуваа песни на различни јазици.
Меѓународниот ден на толеранцијата беше усвоен од УНЕСКО на 16 ноември 1995 година.