Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во контекст на уставните измени и почетокот на преговори за влез во ЕУ, повтори дека „за нас се значајни суштински две работи - првата е да имаме јасни гаранции што или ќе бидат проточени во нашиот правен систем — уставни измени со одложена примена или ќе има гаранции од европските институции. “
„И исто така, за нас е значаен концептот на меѓународно-правен реципроцитет во делот на човековите права. Односно, кога Бугарија очекува од нас ние бугарското малцинство да го внесеме во нашиот Устав, најмалку што може да направи е да ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права во делот на почитувањето на основните човекови права на Македонците коишто живеат на територија на Бугарија“, рече Муцунски во интервју за „Тема на денот“ на ТВ Сител.
Во рамките на тие наши позиции, нагласи тој, веруваме дека може да се најде не само рационално решение, туку решение коешто ќе биде одржливо бидејќи нашата цел дефинитивно е без никаква дилема да се најде решение.
„Но, нашата цел е да се најде решение коешто нема да нè стави во истата позиција во којашто сме денес за неколку недели или неколку месеци. Затоа ние велиме: ова решение коешто сега го има на масата, коешто ни е претставено, коешто претходната Влада за жал како такво го прифати, е неодржливо и решение коешто ќе создаде дополнителна криза во нашите европски интеграции. И за нас нема никаква дилема дека вакво решение е неприфатливо во овој момент“, рече Муцунски.
Во врска со информациите дека се моделира новиот пристап за проширување на ЕУ и дека тоа би било презентирано на ЕС во октомври, Муцунски кажа дека динамиката за ваквите разговори се забрза по неколкуте објавени нонпејпери, а еден доби најголемо внимание - „оној на францускиот претседател и германскиот канцелар пред самитот во Тиват“, но потоа и неколку други што беа презентирани од групи на земји со различни гледишта.
Примарно целта е, вели Муцунски, да се даде нова димензија на политиката за проширување, но таква каква што е, се смета од страна на институциите и на земјите членки дека не е адаптирана на ова време во кое што живееме.
„И затоа сега целта е да се создаде нов концепт, којшто се надеваме ќе биде попредвидлив. Точно е дека се совпаѓа со дебатата за повеќегодишниот буџет којшто ЕУ ќе треба да го донесе во следниот период“, рече Муцунски.
За нас како држава и како земја кандидат во суштина една работа е многу значајна, потенцира министерот за надворешни работи, а тоа е „овој модел да не даде алтернатива за полноправното членство, туку и оние политики коишто ќе се насочени кон засилена соработка со земјите кандидати да бидат паралелни процеси, а крајната цел на сите процеси да биде полноправно членство“.
„Тоа што е значајно за нас, сигналите коишто ги добиваме е дека ова ново моделирање ќе биде во таа насока, дека ќе има одредени придобивки коишто ќе се даваат на земјите кандидати во процесот на преговори, коишто во моментот не се обезбедуваат, но сепак дека крајната цел ќе биде полноправно членство. Јас сакам тука само на крај да нагласам дека ние сепак не сме земја членка. Ние можеме да дадеме наше гледиште, наш импут, но не сме помеѓу оние коишто одлучуваат“, рече тој.
Министерот за надворешни работи и трговија Муцунски ги негираше тврдењата дека „за тајни разговори или разговори под радарот“ за деблокада на процесот за почеток на преговори со ЕУ, велејќи дека тој тоа не го кажал.
„Тајни разговори или разговори под радарот — нема“, рече Муцуски и додаде дека тоа може да се види од сите негови изјави.



























