Косово купува американски артилериски системи
Договорот вклучува и модерни возила за поддршка, резервни делови, одржување, како и обука на персонал за ракување и одржување на овие системи
Косово потпиша рамковен договор со американскиот производител на одбранбена опрема AM General за купување модерни мобилни артилериски системи HUMVEE Hawkeye 105 +mm Mobile Howitzer (MHS), како дел од напорите за зајакнување на одбранбените капацитети на земјата.
Вршителот на должноста министер за одбрана на Косово, Ејуп Маќедончи, изјави дека договорот вклучува и модерни возила за поддршка, резервни делови, одржување, како и обука на персонал за ракување и одржување на овие системи.
„Со оваа набавка, нашата армија влегува во втората фаза од развојот, што е зголемување на директната огнева моќ за гаѓање на долг дострел“, напиша Маќедончи.
Според него, оваа набавка претставува важен чекор во зајакнувањето на одбранбените капацитети на Косово и во градењето модерна, способна, подготвена и интероперабилна армија со своите стратешки сојузници, гарантирајќи поголема безбедност за земјата и долгорочна стабилност во регионот.
Во последните години, Косовските безбедносни сили го интензивираа процесот на модернизација и градење воени капацитети, во согласност со долгорочниот план за транзиција кон модерна армија и стандарди на НАТО.