Основниот суд во Приштина ги осуди двајцата обвинети во случајот „Бањска“, Благоје Спасојевиќ и Владимир Толиќ, на доживотен затвор, додека Душан Максимовиќ е осуден на 30 години затвор.
Обвинетите се осудени за вооружен напад во селото Бањска во општина Звечан, кој се случи на 24 септември 2023 година, кога беше убиен косовскиот полицаец Африм Буњаку.
Според пресудата, тие биле дел од група тешко вооружени Срби кои прво го блокирале мостот во селото, а потоа ги нападнале полицајците кои пристигнале на местото на настанот за да го отстранат камионот од патот.
Двајца други полицајци биле ранети за време на нападот.
Според судските власти, групата ја предводел поранешниот потпретседател на Српската листа, Милан Радоичиќ, кој е во бегство заедно со повеќето други обвинети.
Косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечла изјави дека денешната одлука за осуда на двајца обвинети во случајот „Бањска“ на доживотен затвор и 30-годишна затворска казна за трет потврдува дека сите вклучени во нападот од 2023 година треба да добијат максимални казни.
Тој нагласи дека нападот бил организирана операција со државна поддршка од Србија и повика таа земја да биде одговорна за својата политичка, финансиска и логистичка улога.
„Овој стандард треба да важи за секој поединец како дел од многу поширока мрежа од 45 идентификувани лица, без исклучок“, рече министерот.
Свечла додаде дека правдата за Бањска ќе биде задоволена само кога сите одговорни ќе бидат изведени пред лицето на правдата, предводени од Милан Радоичиќ.
Канцеларијата за Косово и Метохија, пак, изјави дека драконската првостепена пресуда против тројцата Срби е донесена под „директен политички притисок од Аљбин Курти и антисрпскиот режим во Приштина“, кој, како што се нагласува, „од самиот почеток на процесот врши медиумска, политичка и каква било друга стигматизација и криминализација на уапсените Срби“.
















