Десет жртви во напад во училиште во Грац, напаѓачот се самоубил
Повикувајќи се на полициски извори, дневниот весник „Кроне“ објави дека сторителот бил ученик во училиштето и се верува дека извршил самоубиство откако отворил оган во две училници
Бројот на жртви од нападот со огнено оружје во училиште во австрискиот град Грац се искачи на десет, меѓу кои се ученици, едно возрасно лице и осомничениот напаѓач кој се верува дека се самоубил.
Градоначалничката Елке Кар изјави дека пукањето се случило во училиште на Драјершуценгасе.
„Ситуацијата во моментов е многу нејасна. Можеби станува збор за активен стрелец“, изјавија полициски извори.
Полицијата во австриската покраина Штаерска, исто така, објави на социјалната мрежа X дека е започната голема операција, во која учествуваат неколку работни групи, вклучувајќи ја и специјалната единица „Кобра“.
Според првичните извештаи, околу 10 часот наутро по локално време во зградата се слушнале истрели, што предизвикало брза евакуација. Учениците биле транспортирани во Хелмут-Лист-Хале, каде што им помогнале психолози за итни случаи и персонал од Црвениот крст.
Повикувајќи се на полициски извори, дневниот весник „Кроне“ објави дека сторителот бил ученик во училиштето и се верува дека извршил самоубиство откако отворил оган во две училници.
Весникот „Куриер“ објави дека било употребено едно или повеќе огнени оружја, а властите не ја исклучиле можноста за втор сторител.