Вучиќ прогласи победа на локалните избори: Благодарност до Србија за довербата

Ти благодарам Србијо, се надевам дека идните избори ќе ги доживееме како демократска игра, како празник, а не како војна, рече Вучиќ, говорејќи во седиштето на владејачката Српска напредна партија

By
Претседателот на Србија повика на единство за да можат да се направат големи работи за Србија / AA

Српскиот претседател Александар Вучиќ, лидер на владејачката Српска напредна партија, прогласи победа за коалицијата предводена од СНС во сите 10 општини и градови на локалните избори синоќа.

Изборите беа обележани со инциденти, тепачки и нерегуларности на кои посочи опозицијата и студентското движење.

Вучиќ, чие име „Александар Вучиќ-Србија, нашето семејство“ се најде на сите локални изборни листи, прогласи „победа од 10-0“ над опозицијата и студентските листи во седиштето на СНС пред новинарите, врз основа на прелиминарните партиски резултати.

„Тоа е 10 спрема нула. Ти благодарам Србијо. Се надевам дека идните избори ќе ги доживееме како демократска игра, како празник, а не како војна“, рече Вучиќ, говорејќи во седиштето на партијата.

Најнеизвесни резултати, додаде тој, биле во општина Кула во Војводина, но дека СНС победила со разлика од 530 гласови. Изборите се одржаа во Аранѓеловац, Бајина Башта, Бор, Кладово, Књажевац, Кула, Лучани, Мајданпек, Севојно и Смедеревска Паланка, а нешто помалку од 250.000 гласачи имаа право на глас.

Тој повика на единство за да можат да се направат големи работи за Србија.

„Успеавме да ја одбраниме Србија, сега на нас е да им подадеме рака на нашите противници. Им честитам, особено во Кула и во некои други општини, за нивните добри резултати. Вложија многу труд и енергија, многу пари, и тоа е за почит, и им посакувам многу успех во иднина. Им посакувам на сите заедно да прават големи работи за нашата земја и обединети, бидејќи сум сигурен дека Србија е поважна од сите нас“, рече Вучиќ и им честиташе на граѓаните за нивната изразена волја.

Според извештаите од независните набљудувачи и опозициските листи, денот на изборите беше обележан со бројни инциденти и нерегуларности, а гласањето на повеќето места беше проследено со физички судири, напади врз граѓани, активисти и новинари. Судири беа регистрирани во Бор, Бајина Башта, Кула.

Пријавени се бројни нерегуларности – од таканаречениот „бугарски воз“ до фотографирање на гласачки ливчиња и притисок врз гласачите.

И претставници на Српската напредна партија обвинуваат дека поддржувачите на опозициските изборни листи нападнале поддржувачи на партијата на неколку места и ги спречиле граѓаните да гласаат.

Според нив, поддржувачите на опозициските изборни листи извршиле организирано насилство.