Мицкоски: Реформската агенда повеќе не е само план на хартија, дава конкретни резултати

Неколку чекори се веќе целосно реализирани, а други напредуваат побргу од планираното, ова одразува силна политичка посветеност, подобрена институционална координација и јасен фокус на резултати, рече премиерот по средабата со ЕУ амбасадорите

By
Од 21 доставен реформски чекор, за 16 се очекува позитивна оценка, со што би се ослободиле околу 70 милиони евра поддршка, рече вицепремиерот Сали / Others

Реформската агенда повеќе не е само план на хартија, таа дава конкретни, мерливи резултати - напиша премиерот Христијан Мицкоски денеска на својот фејсбук-профил по средбата во Владата со амбасадорите од Европската Унија.

На средбата, како што пишува, било разговарано за напредокот и за следните чекори во спроведувањето на реформската агенда.

„Во изминатиот период го забрзавме спроведувањето во сите клучни области. Неколку чекори се веќе целосно реализирани, а други напредуваат побргу од планираното. Ова одразува силна политичка посветеност, подобрена институционална координација и јасен фокус на резултати“, пишува Мицкоски.

Во јавните финансии, додава, ги зајакнуваме отчетноста и транспарентноста.

„Институциите повеќе известуваат, посистематски управуваат со ризиците и применуваат построги контроли врз јавната потрошувачка. Во исто време, го модернизираме буџетскиот систем и ги подобруваме планирањето и следењето на јавните инвестиции. Пораката е едноставна: јавните средства се управуваат поодговорно и поефикасно“, посочува премиерот.

Овие реформи, нагласува, не се изолирани активности. Тие се дел од поширока трансформација. Тие ја приближуваат нашата економија до единствениот пазар на ЕУ.

„Тие ги зајакнуваат институциите во согласност со европските стандарди и носат конкретни резултати за граѓаните и бизнисите. Остануваме целосно усогласени со Европската Унија, политички, економски и стратешки“, додава Мицкоски.

Реформската агенда 2024–2027

На состанок со шефовите на мисии на земјите членки на ЕУ, првиот заменик премиер и Министер за европски прашања, Беким Сали, го презентираше напредокот во спроведувањето на Реформската агенда 2024–2027.

„Од вкупно 21 доставен реформски чекор, за 16 се очекува позитивна оценка, со што би се овозможило ослободување на околу 70 милиони евра финансиска поддршка. Беше истакнат напредокот во клучните области како управување со јавни финансии, енергетска транзиција, човечки капитал и деловна средина, кои придонесуваат за подобро управување и усогласување со ЕУ стандардите. Истовремено, беше нагласено дека остануваат предизвици, особено во делот на сложените законски реформи и чекорите во рамки на грејс периодот. Владата ја интензивира координацијата и соработката со Европската комисија. Реформската агенда значи конкретни резултати за граѓаните и зајакнување на довербата во институциите“, истакна вицепремиерот Сали.

Министерот за правда, Игор Филков, на денешното обраќање пред амбасадорите на земјите членки на Европската Унија и претставници на меѓународната заедница, ја потврди цврстата посветеност на Владата кон реформите во правосудството.

„Наш фокус во овој период се мерките со рок до јуни 2026 година. Работиме интензивно, со јасна динамика и мерливи резултати“, истакна Филков.

Тој информираше дека Министерството за правда активно работи на измени на Изборниот законик, усогласени со препораките на ОБСЕ/ОДИХР, при што формираната работна група веќе одржала неколку состаноци и усвоила значаен дел од предложените решенија.

Закони за јавното обвинителство

Осврнувајќи се на реформите во судството, Филков посочи дека Законот за Судски совет веќе дава конкретни резултати.

Министерот потенцираше дека клучните закони за јавното обвинителство, кои добија позитивно мислење од Венецијанската комисија, се соочуваат блокада од опозицијата во собраниската процедура.

Во контекст на обезбедување на финансиските предуслови за функционално правосудство изготвен е нов Предлог Закон за судски буџет. Се предвидува воспоставување независен и стабилен систем на финансирање и зајакнување на улогата на Судскиот буџетски совет.

„Особено значајна е и подготовката на новиот Кривичен законик, кој е во процес на усогласување со најновите директиви на Европската унија, вклучително и во областите на борбата против корупцијата, конфискацијата на имот, еколошкиот криминал. Дополнително се вршат и усогласувања согласно Нацрт-националната стратегија за превенција и заштита од родово базирано насилство врз жени и семејно насилство 2026 – 2033 година“, рече Филков.

Тој истакна дека паралелно се подготвува и нов Закон за кривична постапка, кој ќе биде усогласен со европските стандарди и меѓународната пракса. И двата закони ќе бидат испратени на мислење до Европската комисија.