Медиуми: ЕУ со нова стратегија за визи ќе го реши проблемот со превозниците од Западен Балкан
Медиумите информираат дека ЕУ утре ќе претстави нова стратегија за визи, односно возачите од регионот да бидат ослободени од правилото за престој од 90/180 дена во Шенген зоната, а едно решение би можело да биде воведување посебна виза за нив
Се очекува Европската Унија утре да претстави нова стратегија за визна политика што би можела да го реши проблемот со возачите на камиони од трети земји што влегуваат во Шенген зоната, дознава Танјуг.
Во документот се наведува дека е потребно да се разгледа престој во Шенген зоната подолг од вкупно 90 дена, под услов да не се надминат 90 дена во земја-членка. Примери се наведени- возачи на камиони и други професионалци кои работат за компании со седиште во ЕУ, чие работење зависи од постојана мобилност меѓу земјите-членки.
Се очекува возачите од регионот да бидат ослободени од правилото за престој од 90/180 дена во Шенген зоната, а едно решение би можело да биде воведување посебна виза за нив.
Возачите на камиони од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија веќе трет ден го блокираат товарниот сообраќај на граничните премини со земјите од Шенген зоната.
Блокадите започнаа во понеделник, 26 јануари, напладне.
Транспортерите протестираат против новиот систем за влез и излез од Европската Унија, за кој тврдат дека го ограничува престојот на возачите во Шенген зоната, како и против несоодветниот одговор на европските институции.
Нивното главно барање е да се најде решение за престојот на возачите во Шенген зоната, односно да не се евидентираат деновите на престој или да им се издаваат посебни видови визи кои нема да бидат ограничени на бројот на денови.
Тие најавија дека ќе ги блокираат премините сè додека не се најде решение за ограничување на престојот на професионалните возачи во Шенген зоната.