Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нунез соопшти дека вчера биле приведени повеќе од 400 лица за време на масовните блокади на средните училишта во земјата.
„Низ целата земја имаше 440 приведувања. Сè уште ги немаме конечните бројки, но ми кажаа дека за две третини од нив е одредено задржување во полициски притвор“, изјави Нунез доцна синоќа за БФМТВ.
Тој рече дека приведувањата главно биле поврзани со оштетување имот и судири со безбедносните сили, вклучително и насилство врз службени лица.
Опишувајќи ги инцидентите како „мошне сериозни“, Нунез рече дека безбедносните сили постапиле „исклучително пропорционално“ откако неколку политички претставници ја критикуваа полициската реакција.
Сојузот на средношколци УСЛ соопшти дека биле блокирани 400 од околу 3.700 средни училишта во Франција.
Министерството за образование, исто така, пријави 31 повреден ученик и член на училишниот персонал, а Нунез рече дека во текот на денот биле повредени „48 припадници на безбедносните сили“.
Средношколците во регионот Ил-де-Франс се мобилизираа во текот на изминатата недела, протестирајќи поради пренатрупаните паралелки и распоредите, како и поради недостигот на наставници.
Подоцна УСЛ повика блокадите на училиштата да продолжат и утре, со барање за обезбедување повеќе ресурси за учениците.



















