Советникот на Трамп за борба против тероризмот поднесе оставка поради војната во Иран

Не можам со чиста совест да ја поддржам војната што се води во Иран, изјави директорот на Националниот центар за борба против тероризмот, Џозеф Кент, поранешен член на Зелените беретки и оперативец на ЦИА, лично назначен од Трамп

By
Кент тврди дека Иран не претставувал непосредна закана за САД и оцени дека конфликтот е започнат под притисок од Израел / AP

Директорот на Националниот центар за борба против тероризмот на САД, Џозеф Кент, денес поднесе оставка, наведувајќи го како причина своето противење на тековната американска војна во Иран.

Поранешен член на Зелените беретки и оперативец на ЦИА, кој беше лично назначен од Трамп во 2025 година, ја објави својата одлука на социјалните мрежи.

„Не можам со чиста совест да ја поддржам војната што се води во Иран“, напиша Кент во писмото споделено на Х.

Тој тврди дека Иран не претставувал непосредна закана за САД и оцени дека конфликтот е започнат под надворешен притисок.

Кент, кој е воен ветеран со 11 борбени мисии, се повика и на лична загуба, опишувајќи се себеси како „сопруг со златна ѕвезда“ („Gold Star husband”), чија сопруга го загубила животот во претходна војна.

„Не можам да поддржам испраќање на следната генерација да се бори и да гине во војна што не му носи никаква корист на американскиот народ ниту, пак, ја оправдува цената на американските животи“, напиша тој.

Понатаму, Кент упати критики до израелските официјални претставници и одредени американски медиумски личности, обвинувајќи ги дека ја довеле администрацијата во заблуда и повлекувајќи паралели со војната во Ирак.

„Истата тактика што Израелците ја користеа за да нè вовлечат во катастрофалната војна во Ирак, која нашата земја ја чинеше животи на илјадници наши најдобри мажи и жени. Не смееме повторно да ја направиме таа грешка“, истакна тој.

Обраќајќи му се директно на претседателот Доналд Трамп, Кент го повика да го смени правецот на дејствување.

„Ве молам да размислите што правиме во Иран и за кого го правиме тоа. Сега е време за храбра акција. Можете да го смените курсот и да изберете нов пат за нашата земја или да ни дозволите да продолжиме да се движиме кон пропаѓање и хаос. Картите се во ваши раце“, напиша Кент.

Трамп, пак, кога беше прашан за оставката на Кент, рече, иако го сметал за добар човек, бил „слаб во поглед на безбедноста“.

„Кога ја прочитав изјавата, сфатив дека е добро што си заминал, бидејќи рече дека Иран не е закана. Иран беше закана, секоја земја разбираше каква закана е Иран, прашањето е дали сакаа да направат нешто во врска со тоа“, рече Трамп.

Трамп вели дека кога некој „кој работи со нас“ вели дека не сметал дека Иран е закана, „ние не ги сакаме тие луѓе“.

„Тие не се паметни луѓе, не се искусни луѓе, Иран беше огромна закана“, повтори Трамп.