Постои можност да се воспостави нов модел на економска соработка меѓу Туркије и Балканот, при што ќе се создаде балканска мрежа на женско претприемништво“. Ова е една од пораките која ја истакна турската министерка за семејство и социјални услугиМахинур Оздемир Ѓокташ во Скопје, каде се одржа Балканската средба на жените на Светскиот турски бизнис совет (ДТИК).
На настанот, организиран од Одборот за надворешно-економски односи (ДЕИК) и ДТИК, присуствуваа министерката за семејство и социјални услуги Махинур Оздемир Ѓокташ, министерот без ресор во Владата на Северна Македонија Зулфикар Зејнула, турскиот амбасадор во Скопје Фатих Улусој, пратеници од македонското Собрание, претставници на ДЕИК и ДТИК, претставници на турски и локални институции и организации во земјата, претставници на дијаспората, турски жени претприемачи и бизнис-жени кои работат на Балканот, како и голем број гости.
Во обраќањето на отворањето на настанот, Ѓокташ изрази задоволство што под ист покрив се среќава со претприемачки жени кои пристигнале од сите делови на Балканот.
Таа изрази уверување дека средбата ќе придонесе за воспоставување силна комуникациска мрежа и на регионално и на меѓународно ниво.
„Од срце верувам дека ваква вредна платформа ќе им понуди на жените нови соработки и нови можности во претприемачкиот екосистем“, рече министерката Ѓокташ.
Таа го опиша Балканот како исклучително значаен регион во кој се испреплетуваат заедничката историја, културата, пријателството и блиските човечки врски.
„Тоа е нашиот регион на срцето. Во Скопје, Сараево, Приштина, Софија, Тетово и Битола се среќаваме со истите познати траги. Се восхитуваме на истите мелодии, се собираме околу истите трпези, се разбираме едни со други преку истите зборови. На мостовите на пријателство што со векови нè поврзуваат, денес им се додава уште една сила – идеите, трудот, храброста и претприемачкиот дух на жените“, рече таа.
Ѓокташ истакна дека жените на Балканот денес не само што произведуваат, туку основаат компании, создаваат работни места, развиваат технологии, освојуваат нови пазари и градат нови економски мостови меѓу земјите.
Таа посочи дека светот минува низ огромна трансформација, а дигитализацијата, вештачката интелигенција, економијата на податоци и новите модели на производство значително влијаат не само врз економијата, туку и врз конкуренцијата, особено на глобално ниво. Ѓокташ нагласи дека земјите кои ќе останат надвор од оваа трансформација ќе ја изгубат својата конкурентност, компаниите кои нема да бидат дел од неа ќе заостанат, а општествата кои ќе ги исклучат жените од оваа трансформација ќе се откажат од половина од својот потенцијал.
„Постигнавме значителен напредок во отстранувањето на пречките со кои се соочуваат жените“
Ѓокташ рече дека сакаат жените да не бидат само корисници на технологијата, туку и нејзини развивачи, претприемачи, инвеститори и носители на одлуки.
„Затоа што, каде и да сте во светот, силното учество на една жена во економскиот живот не го менува само нејзиниот живот. Тоа го зајакнува нејзиното семејство. Внесува надеж во иднината на децата. Го трансформира општеството во кое живее и придонесува за благосостојбата на нејзината земја. Токму затоа женското претприемништво го сметаме за еден од основните елементи на општествениот развој и семејната благосостојба“, оцени таа.
Министерката Ѓокташ потсети дека во последните 24 години, под раководство на претседателот Реџеп Таип Ердоган, спровеле реформи од револуционерен карактер во оваа насока.
„Постигнавме значителен напредок во отстранувањето на пречките со кои се соочуваат жените, од образованието до вработувањето, од политиката до претприемништвото. Сега овие придобивки ги усогласуваме со потребите на новото време. Со Стратешкиот документ и Акцискиот план за зајакнување на жените за периодот 2024–2028 година, дополнително ја зајакнуваме положбата на жените во економскиот и општествениот живот. Воспоставуваме соработки со јавниот сектор, приватниот сектор и граѓанското општество во бројни области, како што се образованието, здравството, енергетиката, земјоделството и индустријата. Иницијативата за жените во одржливиот развој, која ја објавивме на 8 март годинава, беше конкретен резултат на овие активности. Со оваа иницијатива идеите на жените ги поставуваме во центарот на претприемништвото, трудот на жените во центарот на секторската трансформација, а визијата на жените во центарот на деловниот свет.“
Ѓокташ рече дека во таа насока, во мај минатата година го продолжиле породилното отсуство на 24 недели и дека Туркије е меѓу првите 10 земји членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) кои ги реформирале породилните отсуства.
Таа посочи дека збирките на податоци и технолошките тимови во кои жените не се доволно застапени можеби не ги одразуваат соодветно потребите на целото општество.
„Тоа доведува до повторно создавање на предрасудите и ризиците од дискриминација во системите за вештачка интелигенција. Затоа жените не смеат да останат надвор од дигиталната трансформација. Тие мора да бидат директно вклучени и да бидат меѓу оние кои ја создаваат“, рече таа.
Ѓокташ нагласи дека девојчињата треба да се поврзат со областите како науката, технологијата, математиката и инженерството, додавајќи дека треба да се прошират образовните програми за развивање на дигиталните и аналитичките вештини на жените.
Можност за нов модел на економска соработка меѓу Туркије и Балканот
Ѓокташ изрази уверување дека можат да воспостават нов модел на економска соработка меѓу Туркије и Балканот.
„Балканот располага со млади, динамични и претприемачки човечки ресурси. Туркије, пак, нуди значајни можности со својата силна индустриска инфраструктура, претприемачки екосистем, технолошки капацитет и широка трговска мрежа. Овие два потенцијали можеме многу посилно да ги поврземе преку жените претприемачи. Можеме да создадеме „балканска мрежа на женско претприемништво“. Тоа може да произлезе одовде. Така, жена претприемач од Скопје би можела да стигне до инвеститор во Истанбул. Претприемачка од Приштина би можела да развие заеднички проект со жена од Сараево. Дури и жена од Западна Тракија би можела да излезе на пазарите во Централна Азија, Заливот или Африка. Технолошка компанија од Туркије би можела да стигне до нови пазари во соработка со жените претприемачи на Балканот.“
Ѓокташ истакна дека сакаат врските меѓу Туркије и Балканот да ги градат не само врз спомените од минатото, туку и врз заедничките успеси во иднината, поради што, како што рече, им придаваат големо значење на успесите на жените претприемачи.
„Колку повеќе се зајакнувате вие, толку повеќе се зајакнува и турската заедница на Балканот. Колку повеќе воспоставувате нови партнерства, толку повеќе се зајакнуваат економските и човечките врски меѓу Туркије и Балканот. Колку повеќе ги споделувате вашите успешни приказни, толку повеќе ги отвoрате вратите за нови успешни приказни на оние кои ќе дојдат по вас. И ние, како Туркије, ќе продолжиме да бидеме покрај нашите граѓани и сонародници, без оглед каде се наоѓаат и каде живеат. Ќе продолжиме да ги поддржуваме претприемачките патувања на жените“, порача Ѓокташ.





















