Протестите поради барањата за подобрување на условите за образование во Тирана вчера ескалираа, при што демонстрантите нападнале полициска станица, фрлале молотови коктели и пиротехнички средства, додека полицијата употребила солзавец и шок бомби.
Според полицијата, повредени се 14 полицајци, а уапсени се 35 лица.
За време на протестот, демонстрантите ги нападнале зградите на Министерството за економија, Министерството за правда, парламентот и седиштето на Владата, полициска станица како и некои приватни објекти.
Демонстрантите фрлале камења, молотови коктели и пиротехнички средства кон полицијата, додека полициските сили одговориле со солзавец и водени топови во обид да ја растераат толпата, објави Јуроњуз на албански.
Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, вчера ги повика учесниците на протестот во Тирана на воздржаност и одговорност, велејќи дека правото на мирно собирање е основа на демократијата, но дека насилството не може да биде начин за изразување незадоволство, додека министерот за внатрешни работи на Албанија, Ервин Демо, и потпретседателката на албанската влада, Албана Кочиу, го осудија насилството и уништувањето на јавниот и приватниот имот.
Бегај, реагирајќи на инцидентите за време на протестот што се претвори во насилни судири, ги повика сите страни да не придонесуваат за понатамошно ескалирање на тензиите и да дејствуваат во согласност со законот.
Бегај рече дека е подготвен да ги слушне сите грижи на граѓаните и дека неговата канцеларија останува отворена за млади луѓе и сите граѓани кои сакаат да ги изразат своите ставови, да учествуваат во дијалог и да придонесат за благосостојбата на земјата.
Британската амбасада во Тирана ги повика сите страни да го почитуваат правото на мирен протест и слободата на изразување, но нагласи дека ова право не го оправдува насилството и уништувањето на јавниот и приватниот имот.
Во исто време, таа предупреди дека реакцијата на полицијата не смее да биде непропорционална и повика на смирување на тензиите.



























