Забраната за користење на водата од гостиварскиот водовод за пиење и подготовка на храна останува во сила сè додека лабораториските анализи не потврдат дека таа е целосно безбедна, соопшти директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Оливер Миланов.
Угостителите мора да користат технички безбедна вода, а инспекциските служби продолжуваат со вонредни контроли по откривањето на диво поставените пумпи во Вруток, порача Миланов на денешната прес конференција во Владата, на која за актуелната состојба со водата од гостиварскиот водоснабдителен систем информираа и министерот за животна средина и просторно планирање Муамед Хоџа и директорката на инспекторатот за животна средина Ивана Гиновска.
Миланов информираше дека инспекторите ги прошириле контролите кај сите оператори со храна во Гостиварско. Паралелно се земаат дополнителни мостри од целиот водоснабдителен систем, како од градинки, јавни установи и угостителски објекти.
Продолжуваат контролите
Во текот на вчерашниот ден, земени се мостри вода за лаборатиориско тестирање од јавна чешма пред Општина Гостивар, јавна чешма во населба Циглана, чешма во кујна во детска градинка Детска Радост клон Пролет, вода од чешма во кујна во детска градинка Детска Радост клон Цветови, јавна чешма во храм Света Богородца, вода од чешма во сестринска соба хируршко одделение Општа болница Ферид Мурати, вода од чешма во дворот на Кадир Џамија, вода од чешма од шанк од ресторан и сирова вода од каптажа на извор Вруток.
„Сите субјекти кои нема да ги почитуваат забраните и препораките ќе добијат прекршочни санкции. Продолжуваме будно да ја следиме состојбата и да преземаме соодветни законски мерки за целосно расчистување на случајот и отстранување на причините кои довеле до оваа состојба и го загрозиле здравјето на граѓаните. Нема да дозволиме ниту еден аспект од постапката да остане неиспитан“, изјави Миланов.
Инспекциските служби и денеска продолжуваат со контролите кај операторите со храна во Гостиварско, со цел да се утврди изворот на контаминацијата, степенот на загаденост и да се обезбедат дополнителни лабораториски резултати. Конечната одлука за укинување на забраната ќе биде донесена по добивањето на официјалните лабораториски резултати од лабораториските испитувања.
„Апелирам граѓаните доследно да ги почитуваат препораките на здравствените институции и локалната власт во однос на користењето на водата, се до добивање на конечните резултати и целосното нормализирање на состојбата. АХВ ќе преземе мерки против сите субјекти кај кои ќе бидат утврдени пропусти или нама да ги почитуваат законските обврски. Институтот за јавно здравје треба официјално да ги достави резултатите од тестирањето на примероците до Агенцијата“, истакна Миланов.
Тој информираше дека АХВ почнала со вонредни контроли откако добила известување од Основното јавно обвинителство Гостивар и пријава од МВР за можна нарушена безбедност на водата за пиење во гостиварскиот водоснабдителен систем.
Кризна состојба
При контролата на 16 јули во село Вруток, во соработка со Министерството за животна средина, ОЈО Гостивар и крим-техника на МВР, било утврдено дека во главниот цевковод на водоводната мрежа без одобрение биле поставени пумпи кои директно внесувале вода од реката Вардар во системот за водоснабдување.
За лабараториско испитување биле земени четири мостри од различни точки – од резервоарот, каптажата, површинска вода и јавна чешма.
Владата, пак, на денешната 195 седница донесе одлука за прогласување на кризна состојба во Општина Гостивар во рок од 30 дена.
„Со оглед дека локалната самоуправа не може да се справи со настаната состојба во Општина Гостивар, владата донесе ваква одлука за прогласување на кризна состојба се со цел побрза координација на институциите како и ставање на водоснабдителниот систем во функција и обезбедување на вода за пиење во најкраток можен рок. Здравјето на граѓаните на Општина Гостивар останува фокус на Владата и посветени сме кон целосно решавање на овој проблем. Дополнително, очекуваме ЈО да спроведе детална истрага и да го расчисти случајот, одговорност мора да има за секој еден што го ставил во ризик здравјето и животите на гостиварчани“, соопштија од Владата.
Се намалува бројот на новопрегледани пациенти
Во меѓувреме, истрагата на Основното јавно обвинителство утврди дека во периодот од 25 јуни до 16 јули во водоснабдителниот систем биле поставени диви пумпи кои внесувале вода со фекално загадување во мрежата.
Според податоците од јавните здравствени установи во Гостивар, во текот на вчерашниот ден (20.07.2026 година) продолжува трендот на намалување на бројот на новопрегледани пациенти, односно лица кои првпат побарале лекарска помош поради симптоми на гастроентеритис.
Во Општа болница Гостивар се регистрирани 111 нови прегледи на инфективното одделение, 65 нови прегледи на педијатриското одделение и 7 прегледи во Ургентниот центар, односно вкупно 183 прегледи.
Во Здравствениот дом Гостивар се евидентирани 110 прегледи, како и 25 повици до Итната медицинска помош.
„Во текот на вчерашниот ден вкупниот број пациенти прегледани во болницата е намален за 38 проценти. Во споредба со 19.07.2026 година, кога во Општата болница Гостивар беа регистрирани 289 прегледи, вчера се евидентирани вкупно 183 прегледи. Истовремено, бројот на прегледи во здравствениот дом продолжува континуирано да опаѓа – од 315 пациенти на 18 јули, на 275 пациенти на 19 јули и 110 пациенти на 20 јули“, појаснува министерот за здравство, Сашо Клековски.
Извор: ТРТ Балкан





















