Пожар зафати преполн бар во луксузниот швајцарски ски-центар Кран-Монтана за време на новогодишната ноќ, при што загинаа и беа повредени повеќе лица, соопшти полицијата.
Додека посетителите ја пречекуваа Новата година, во бар популарен меѓу туристите избувнал „пожар од непознато потекло“, соопшти полицијата во кантонот Вале, во југозападна Швајцарија, во изјава објавена денес.
„Неколку лица ги загубија животите, а други се повредени“, се наведува во соопштението, при што инцидентот е опишан како „сериозен“, а истакнато е дека „во тек е голема итна интервенција“.
„Голем број полицајци, пожарникари и спасувачки екипи веднаш излегоа на терен за да им помогнат на бројните жртви“, се додава во соопштението.
„Операцијата сè уште е во тек.“
Швајцарскиот дневен весник Blick цитира лекар присутен на местото на настанот, кој изјавил дека бројот на загинати може да биде „десетици“.
Регионалниот весник Le Nouvelliste исто така наведе дека неговите извори зборуваат за „голем број жртви“, со „околу 40 загинати и 100 повредени“.
Фотографии објавени од швајцарските медиуми прикажуваат зграда во пламен, како и луѓе кои врескаат и бегаат во темнината.
Швајцарските медиуми сугерираа дека пожарот можеби започнал кога била користена пиротехника за време на концерт, но полицијата соопшти дека причината засега е непозната.
Портпаролот на полицијата, Гаетан Латион, претходно за агенцијата Франс Прес изјави дека најпрво имало „експлозија од непознато потекло“.
Тој наведе дека експлозијата се случила околу 1:30 часот по полноќ (00:30 GMT) во барот наречен „Le Constellation“, каде што повеќе од 100 луѓе се собрале за новогодишната прослава.
Неколку часа по експлозијата, фотограф на АФП забележал голем број амбулантни возила на патот од Кран-Монтана.
Полицијата соопшти дека областа е „целосно затворена за јавноста“ и дека е воведена „зона на забрането летање над Кран-Монтана“.


















