Далај Лама во својата нова книга изјави дека неговиот наследник ќе се роди надвор од Кина, што ги подигна тензиите во спорот со Пекинг за контролата на хималајскиот регион Тибет, од кој побегна пред повеќе од шест децении, објави Ројтерс.
Во книгата „Глас за безгласните“, која Ројтерс ја виде и ќе биде објавена денеска, духовниот водач на тибетскиот будизам вели дека Тибетанците ширум светот сакаат институцијата Далај Лама да продолжи и по неговата смрт.
Тој претходно зборуваше за можноста дека линијата на духовни водачи може да заврши со него, а сега за прв пат изјави дека неговиот наследник ќе се роди во „слободниот свет“, кој го објасни како област надвор од Кина.
Далај Лама напишал дека неговиот наследник ќе се роди во слободниот свет за да ја продолжи традицијата што ја вклучува улогата на „портпарол на универзалното сочувство, духовен водач на тибетскиот будизам и симбол на Тибет“.
Тензин Гјатсо, 14-тиот Далај Лама, избега од Тибет во Индија во 1959 година, по неуспешниот бунт против владеењето на маоистичката Кина.
Пекинг инсистира дека тој ќе избере наследник, но Далај Лама тврди дека секој наследник што ќе го избере Кина нема да се почитува.
Кина го смета Далај Лама за „сепаратист“, а вчера портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи изјави дека тој е „политички изгнаник кој се занимава со сепаратистички активности под превезот на религијата“.
Далај Лама најави дека ќе објави повеќе детали за неговиот наследник околу неговиот 90-ти роденден во јули.












