Европол: Лансирана е европска платформа Хелп4У за заштита на децата од онлајн насилство

Платформата е дизајнирана да биде лесна за користење и лесно достапна, и им нуди на младите луѓе докажани совети, информации за нивните права и можност да се поврзат со експерти кои можат да обезбедат помош

By
Хелп4У е развиен во соработка со експерти од психологијата, образованието, ИТ, заштита на податоци, полицијата и академската заедница / Reuters

Нова дигитална платформа наречена Хелп4У (Help4U), развиена од Европол и истражувачкиот центар ЦEНTРИЦ (CENTRIC), е официјално лансирана со цел да им се обезбеди поддршка на децата и младите кои се соочуваат со сексуална злоупотреба или други форми на онлајн насилство.

Платформата, како што е наведено во денешното соопштение за медиумите на Европол, е дизајнирана да биде лесна за користење и лесно достапна, и им нуди на младите луѓе докажани совети, информации за нивните права и можност да се поврзат со експерти кои можат да обезбедат помош.

Достапна е и за родители, наставници и професионалци кои работат со деца, а пораката на платформата е: „секој заслужува да биде безбеден и слушнат“.

Извршната директорка на Европол, Катрин де Бол, изјави дека децата и младите заслужуваат безбедност и поддршка и онлајн и офлајн и дека Хелп4У им обезбедува сигурни информации и пристап до помош „кога им е најпотребна“.

Таа нагласи дека платформата е пример за европска соработка што носи конкретни резултати за жртвите.

Директорот на ЦЕНТРИЦ, професор Бабак Ахгар, оцени дека проектот „ги става безбедноста, приватноста и довербата на младите луѓе во центарот“.

Според него, со комбинирање на дигиталните иновации и искуствата на младите корисници, платформата нуди безбеден и достапен начин за барање помош и за да бидат слушнати.

Особено се нагласува дека жртвите честопати тешко ја наоѓаат вистинската помош поради сложеноста на достапните услуги и емоционалната состојба во која се наоѓаат, поради што, како што е наведено, е клучно да се обезбедат точни и достапни информации во моментот кога првпат ќе ги побараат.

Платформата, исто така, ги поврзува младите луѓе со експерти кои можат да ги слушаат, советуваат и водат кон безбедноста и закрепнувањето.

Проектот беше лансиран во Белгија, Германија, Ирска, Холандија и Словенија, а беше проширен во Бугарија, Администрацијата на кипарските Грци, Хрватска, Грција, Унгарија, Италија, Португалија, Шпанија и Романија, додека се очекува да бидат вклучени и дополнителни земји во 2026 година.

Хелп4У е развиен во соработка со експерти од психологијата, образованието, ИТ секторот и заштитата на податоци, полицијата и академската заедница.

Учесниците во проектот вклучуваат компетентни институции од сите држави во кои е лансирана платформата.

Иницијативата е дел од Европската мултидисциплинарна платформа против криминални закани ЕМПАЦТ (EMPACT), која се занимава со најзначајните закани од организираниот и сериозниот меѓународен криминал во ЕУ и се базира на подобрено разузнавање, стратешко и оперативно вмрежување на националните и европските институции и партнери.

EMПАЦТ работи во четиригодишни циклуси и се фокусира на заедничките приоритети на ЕУ во борбата против криминалот.