Шефот на Дирекцијата за комуникации при Претседателството на Република Туркије, Бурханетин Дуран, во понеделникот ги осуди најновите израелски напади врз Палестинците, оценувајќи дека Израел намерно ги поткопува сите напори насочени кон постигнување мир во Појасот Газа.
Во објава на турската социјална мрежа NSosyal, Дуран наведе дека најновите напади врз цивили и здравствената инфраструктура се случуваат во момент кога дипломатските иницијативи за постигнување прекин на огнот и траен мир во Газа влеваат надеж.
„Во време кога дипломатските иницијативи насочени кон постигнување примирје и траен мир во Газа влеваат надеж, најновите израелски напади врз цивили и здравствената инфраструктура намерно ги поткопуваат сите напори за мир“, порача Дуран.
Според него, нападите во кои се занемарува правото на живот на жените, децата и другите невини цивили јасно покажуваат дека владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не е заинтересирана за завршување на конфликтот, туку за негово понатамошно продлабочување.
Дуран ја повика меѓународната заедница да заземе поефикасен и попринципиелен став за да ја запре, како што наведе, агресивната политика што ја загрозува регионалната стабилност.
Тој истакна дека Туркије, под водство на претседателот Реџеп Таип Ердоган, ќе продолжи да ги поддржува меѓународното право, човечкото достоинство и легитимните права на палестинскиот народ, како и сите иницијативи насочени кон воспоставување праведен и траен мир.























