Тапанар го замени сценското светло со селскиот живот, стана сточар во родниот крај
ТУРКИЈЕ
4 мин читање
Тапанар го замени сценското светло со селскиот живот, стана сточар во родниот крај„Кога првпат дојдов, луѓето ме дочекаа со неверување и зачуденост поради моите обетки, пирсинг и тетоважи. Но, со тек на време, сите во селото се навикнаа...“
Тапанар го замени сценското светло со селскиот живот, стана сточар во родниот крај / AA

Фејзи Филиз, кој долги години настапувал како тапанар на сцените во турскиот град Бурса, на барање на своето семејство се вратил во родниот Дијарбакир, каде што денес ги спојува овчарството и часовите по тапани.

Филиз е роден во Дијарбакир во 1984 година, и уште од мали нозе, гледајќи го својот постар брат кој свирел тапани по свадби, се вљубил во овој ритам и научил да го свири инструментот.

Во последната година од средното училиште, тој со своите пријатели основал музичка група, со која започнале да настапуваат и да свират по локалните кафулиња.

По завршувањето на средното образование, Филиз работел во различни сектори во Анталија и Измир, но во текот на целиот тој процес ниту за миг не се откажал од својата голема љубов кон тапаните.

Потоа, по желба на неговото семејство се преселил во Бурса, па таму со музичката група во која членувал, учествувал во бројни емисии емитувани на локалните телевизиски канали.

Откако групата се распаднала, Филиз уште долго време продолжил самостојно да излегува на сцените во различни локали низ градот.

Иако неговото семејство во 2008 година се вратило во нивниот роден крај Дијарбакир, Филиз избрал да остане во Бурса и да продолжи со својата професија како тапанар.

Сепак, пред околу две години, неговите родители кои се занимаваат со сточарство побарале помош од него. Без двоумење, тој решил да им даде поддршка и се вратил на семејното огниште, во руралното маало Башил, во Општината Јенишехир.

Денес, Филиз се грижи за семејните крави и работи како сточар, но во исто време, два дена во неделата патува до градскиот центар, каде што во еден приватен уметнички центар им држи часови по тапани на деца и возрасни.

„Го напуштив градскиот живот и станав сточар“

Овој 42-годишен тапанар, кој во своето село е познат и како „Сточарот со обетка“ или „Тетовираниот сточар“, во разговор за Анадолу раскажа дека уште како дете се обидувал да држи ритам удирајќи со лажици по масите, чиниите и тенџерињата.

Раскажувајќи дека со текот на времето ја совладал оваа вештина гледајќи од својот брат, Филиз се потсети на деновите поминати во Бурса и на сцените кога свирел по кафулињата.

„Откако брат ми замина за Германија, мајка ми почна постојано да ме вика да се вратам во родниот крај. Во еден миг донесов одлука, го напуштив градскиот живот, се преселив во селото и станав сточар. Процесот на адаптација не ми беше тежок, ниту пак, јас го доживеав како таков. Му благодарам на Бога, и мајка ми и татко ми ми дадоа огромна поддршка во тоа. Сега ги молзам кравите, ги пасам, им давам храна и го чистам нивниот простор. Го презедов целиот товар од грбот на моите родители, и правам сѐ што е во моја моќ да им овозможам барем малку помирен, поздрав и поспокоен живот“, вели тој.

Филиз споделува дека кога првпат се вратил во селото, мештаните реагирале необично кога го виделе со обетки и тетоважи.

„Кога првпат дојдов, луѓето ме дочекаа со неверување и зачуденост поради моите обетки, пирсинг и тетоважи. Но, со тек на време, сите во селото се навикнаа. Дури сега често ме нарекуваат 'Сточарот со обетки' или 'Тетовираниот сточар'“, вели тој низ насмевка.

И покрај тоа што секојдневието му поминува со добитокот, тој не се откажал од својата страст кон музиката и одвреме-навреме продолжува да вежба на своите тапани во селската куќа.

„Првиот концерт секогаш го одржувам пред моите крави”

Во последно време интересот го свртел кон ударниот инструмент хендпен (метален инструмент што се свири со раце и испушта мистични и смирувачки звуци), па вели дека се обидува да го совлада и него: „Одвреме-навреме, во шталата или среде природата, мојот прв концерт им го држам на моите крави. Овој инструмент има неверојатно мек, сладок и прекрасен тон. Кога свирам во шталата или тука на ливадите, знам дека моите крави воопшто не се плашат и не бегаат, а тоа ме прави неизмерно среќен.“

Неговата мајка, Сабахат Филиз, раскажува дека нејзиниот син уште од рано детство појавил голем интерес кон ударните инструменти, поради што кујнските садови постојано ечеле во неговиот ритам.

Деветгодишната Чакил Тунч, која веќе 6 месеци посетува часови кај Филиз, сподели дека била неизмерно изненадена кога дознала дека нејзиниот професор во исто време е и сточар: „Многу сакам да го видам нашиот професор како пасе крави. Тој е со обетка и со тетоважи, и е тапанар, а во исто време чува и крави.“

Уште еден негов деветгодишен ученик, Џиван Мерт Акаслан, кој претходно се обидувал да свири тарабука, раскажува: „Часовите ни се индивидуални, еден на еден. Така професорот може многу повеќе да ни се посвети. Тој е многу љубезен човек и многу се грижи за нас. Кога првпат слушнав дека е сточар, се зачудив. Неговиот изглед воопшто не се совпаѓаше со мојата претстава за сточарите.“

ИЗВОР:AA
Повеќе
Калибаф: Иран ги напушти разговорите во Швајцарија по заканите на Трамп
Пезешкијан: Ефективноста на мировните преговори зависи од целосната посветеност
Израелските акции и шекелот во пад по преговорите САД-Иран
Трамп: Ормутскиот теснец е целосно отворен, а бродскиот сообраќај е нормализиран
Нетанјаху потврди: Израелските трупи ќе останат во јужен Либан
Иран: Завршија техничките разговори со САД во Швајцарија
Иран: Не се преземени дополнителни обврски за нуклеарните инспекции
Ердоган телефонски разговараше со Пезешкијан: Важно е да се преземат сите мерки за регионален мир
Туркије: Ја следиме состојбата на повредените морнари од дрон во Црното Море
Вучиќ разговарал со иранскиот претседател за прекинот на огнот и мировните преговори
Продлабочена интеграција за Молдавија во ЕУ пред формалното пристапување
Ердоган: Анкара ќе добие глобална дипломатска важност со самитите на НАТО и туркиските држави
ЕУ најостро ги осуди изјавите на Бен Гвир дека „Либан треба да гори“
Рама се сретна со Макрон во Париз: Франција ја поддржува Албанија во ЕУ
Пезешкијан предупреди против пораките кои може да поттикнат поделби во Иран