Во рамките на проектот „Жени производители“ на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), во Северна Македонија беше организиранo донирање на опрема за оранжерии и земјоделска механизација.
На церемонијата за донација, која се одржа во селото Корешница, во Општина Демир Капија, присуствуваа амбасадорот на Туркије во Северна Македонија, Фатих Улусој, градоначалничката на Демир Капија, Наталија Димитриева, координаторката на ТИКА во Скопје, Февзије Шејма Бабајигит, претседателот на Сојузот на турски невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ), Тахсин Ибрахим, како и земјоделци.
Улусој во своето обраќање истакна дека со оваа донација се обезбедува поддршка за земјоделскиот развој на пријателска и братска земја.
Нагласувајќи дека најзначајната врска и мост меѓу Туркије и Северна Македонија е турската заедница во Северна Македонија, Улусој рече: „На жените овде им посакувам плодни жетви. Да имаат убави производи и добри приходи.“
Димитриева оцени дека проектот претставува важен чекор за развојот на земјоделството во регионот и рече: „Упатувам искрена благодарност до ТИКА за поддршката, соработката и довербата.“
Бабајигит истакна дека во рамките на проектот „Жени производители“ ќе биде воспоставена потребната инфраструктура за оранжериско производство на зеленчук за 100 жени земјоделци, а во овој контекст ќе бидат донирани 50 мотокултиватори, како и семиња за домати и пиперки.
Заблагодарувајќи им се на партнерите што придонеле за проектот, Бабајигит рече: „Со мотокултиваторите што ќе бидат наменети на заедничко користење, целиме кон зголемување на производствениот капацитет. Веруваме дека посилното учество на нашите жени во производството ќе даде значаен придонес и за иднината на нашите семејства и на нашето општество.“
Ибрахим, пак, осврнувајќи се на значењето на поддршката што ја обезбеди ТИКА, изјави: „Ова не е само развоен проект туку и силен пример на братство и лојалност што допира до срцата.“
Извор: АА

















