Мотиватори: Кози млеко планина
Во првата епизода од серијалот „Мотиватори“: „Кози млеко планина“, заедно со фармерот Давид сакавме да ја доловиме токму таа инспиративна одлука: да се замени брзиот градски живот со побавен, одржлив селски живот, опкружен со природата и животните
Во време кога повеќето млади размислуваат како побрзо да „избегаат“ од селото, Давид Неделковски тргнал во спротивен правец. Наместо скалила во корпорации и градски метеж, тој избрал утрински мир, звук на ѕвончиња и мирис на свежо млеко. Во првата епизода од серијалот „Мотиватори“: „Кози млеко планина“, заедно со фармерот Давид за ТРТ Балкан сакавме да ја доловиме токму таа инспиративна одлука: да се замени брзиот градски живот со побавен, одржлив селски живот, опкружен со природата, животните и старите, „спори“ навики што некогаш биле единствен избор.
„Моето име е Давид Неделковски, оператор на биодиверзитет и производство на кози и млечни производи од село Раштак, мала семејна фарма,“ се претставува тој. Нагласува дека ништо од ова не е случајно, зад фармата стои семејна одлука. „Семејно демократски се одлучивме да го правиме ова што го правиме, го ставивме муабетот на маса и решивме да дојдеме во Раштак и да го работиме ова на земјата која ја наследивме од дедо ми, прадедо ми и од нашите предци,“ пренесува Давид.
Таа наследена земја, која можела да остане само број во имотен лист, за него станала личен предизвик. „Ни беше предизвик да ја ставиме во функција земјата која ја имаме,“ поентира. Но, како што вели, вистинските предизвици доаѓаат откако ќе стигнеш на село. „Предизвиците беа отпосле, откако дојдовме тука и се впуштивме во овој, нов за нас, селски живот. Едноставно нови правила: ја имаме планината, го имаме времето, непогодите… дождливи денови, сончеви, студени, топли, спокојни, тешки, напорни,“ раскажува Давид. Најголем шок? Раното станување и дисциплината која го прави селскиот живот, селски.
За Давид, приказната за фармата не е само приватен избор, туку и поширока философија за тоа што значи опстанок. „Локално производство, тоа е суштината на постоењето,“ нагласува. Потсетува дека, ако се гледа антрополошки и археолошки, 96–97% од човековата историја поминува во праисторија, а сѐ што денес го нарекуваме цивилизација се темели на земјоделство и сточарство, на производството на храна.
„Кога зборуваме за која храна е најдобра, тоа е сезонската и локалната, онаа која што ќе можете да ја дегустирате во автентична средина,“ објаснува тој. Одењето со козите во планина, како што вели, е само првиот чекор: „Одењето во планина е производство на суровина. Додека стигне до трпеза е еден голем, долг и комплициран пат.“ Токму затоа се доживува себеси и сите како него како „оператори на биодиверзитет“. „Козите се нахрануваат од она што ни го дава природата и околината, кое што е од суштинско значење,“ поентира Давид.
Пандемијата, според него, го променила начинот на кој гледаме на храната. „Од Ковид-19 наваму, перцепцијата за сезонска, домашна, локална, традиционална храна е многу изменета и мислам дека допрва ќе го добива тој примат што реално го заслужува,“ вели тој. Токму во таков контекст, неговата мала фарма во Раштак станува пример како може да изгледа една поодржлива иднина, не како романтична ретро-приказна, туку како современ избор.
Социјалните мрежи за Давид не се само алатка за маркетинг, туку и вид јавен дневник. „Јас практично тоа што го правам на социјалните мрежи е публикација на мојот труд, а воедно и отчет,“ објаснува. Преку фотографиите и видеата, сака да покаже дека „не е срамота да се чува добиток, дека не е срамота да се живее во село“. Притоа се труди да ги долови убавите моменти, иако зад тие кадри стојат напор, дисциплина и работа. „Едноставно спокојот треба да се заслужи,“ нагласува Давид.
Во позадина на идиличните фотографии со кози и сирења, се крие и голем број експерименти. „Низ текот на овие години, предизвик ни беше да произведеме наши автентични видови на сирење,“ раскажува. Оваа година, како што гордо пренесува, ја „пробил“ технологијата на каменберт. „Извадивме и каменберт стил на сирење од Раштак, од кози, кој го нареков ‘раштакберт’,“ вели со насмевка. „Така што, дефинитивно можеме, прашање е колку човек го носи пасијата во тоа што го прави.“
Освен сирењето, неговата лична пасија се и „млечните експерименти“- особено создавањето сопствено сириште. „Работам веќе две години во создавање на сопствено сириште, како што го правеле нашите предци од праисторија па сѐ до пред некои 50-тина години,“ објаснува Давид, враќајќи ја традицијата во сегашноста.
Но, ако треба да одбере еден единствен производ без кој не може, тоа е киселото млеко. „Без сите тие производи можам да преживеам, освен без киселото млеко,“ признава. Токму тој вкус го носи назад во детството, кога како дете минувал по три месеци кај баба и дедо во Раштак. „Толку ми е слатко, толку ми е убаво, ме потсеќа на дома, ме потсеќа на тука,“ вели емотивно. Тој момент го споредува со Одисеј во Итака: „Како што е претставен Одисеј кога стигнува во Итака и кога го пробува сирењето и го потсеќа на дома- мене така ми е ова кисело млеко коешто го произведуваме, особено од последново млеко, бидејќи е најгусто, најмасно… не би можел да живеам без него.“
Иако неговата приказна изгледа како редок исклучок, Давид верува дека сѐ повеќе млади би можеле да размислуваат поинаку, само ако си дозволат да не трчаат по трендовите. „Јас би ги советувал младите да не следат трендови, туку да создаваат свои,“ поентира. Ги охрабрува да размислуваат критички, да прашуваат, да бидат скептични, да бараат одговори. „Живееме во ера на технологија, кадешто можеш да дојдеш до информации како се одгледува кози на Блиски Исток, како се одгледува во Франција, како се одгледува во Монголија,“ додава.
На крајот, неговата порака е едноставна, но силна: постоиме за да се инспирираме едни со други. „На крајот од денот сметам дека постоиме заради тоа- за да се инспирираме едни со други и да создадеме некој подобар свет,“ вели Давид.
Со „Мотиватори: Кози млеко планина“, заедно со него се обидовме да покажеме дека понекогаш најхрабриот чекор не е да заминеш „подалеку“, туку да се вратиш, поблиску. До земјата, до храната, до своите корени.