Премиерот на Гренланд: Ниту сме Американци, ниту Данци и не сме на продажба

Премиерот на Гренланд Муте Егеде ја коментираше изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп за време на неговото обраќање во Конгресот во вторникот, кога повторно изрази интерес за оваа данска територија

Егеде повтори дека Гренланд не е на продажба и дека иднината на островот ќе ја одредат неговите жители, а општите избори ќе се одржат на 11 март / AFP

Премиерот на Гренланд Муте Егеде денеска изјави дека Гренланѓаните не сакаат да бидат ниту Данци, ниту Американци, туку дека сакаат сами да ја одредат својата иднина.

Тој ова го изјави откако американскиот претседател Доналд Трамп за време на неговото обраќање во Конгресот во вторникот повторно изрази интерес за оваа данска територија.

„Ние не сме Американци, не сме Данци, затоа што сме Гренланѓани. Ова е она што Американците и нивните лидери треба да го разберат“, рече Егеде во објавата на Фејсбук.

Тој повтори дека Гренланд не е на продажба и дека иднината на островот ќе ја одредат неговите жители.

Општите избори ќе се одржат на Гренланд следната недела, на 11 март.

Трамп во своето обраќање пред двата дома на Конгерсот го повтори американскиот интерес за Гренланд, автономна територија на Данска, навестувајќи ја можноста за преземање контрола врз островот.

„Потребен ни е Гренланд за национална и меѓународна безбедност. Мислам дека тоа ќе се случи. Вака или онака“, рече Трамп, додавајќи дека Гренланд е добредојден во САД, но дека силно го поддржува правото на Гренланѓаните сами да одлучуваат за својата иднина.

Гренланд беше данска колонија до 1953 година, но сега е самоуправна територија на Данска и во 2009 година доби право да бара независност преку гласање, а во 2023 година владата на Гренланд го претстави првиот нацрт на уставот.