Техеран го обвини Вашингтон дека е директно одговорен за продолжувањето на конфликтот на Блискиот Исток откако Иран и Израел разменија оган за прв пат по прекинот на огнот на 8 април, а проиранските Хути повторно го нападнаа Израел по неколку недели.
„Никој не верува дека ционистичкиот режим (Израел) би презел какви било чекори без претходна координација и соработка со САД“, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, нагласувајќи ја „одговорноста на САД“.
„Дејствијата на ционистичкиот режим во регионот не можат да се одвојат од американската политика“, додаде тој на прес-конференција во Техеран, на која присуствуваше и АФП.
Израел и Иран денес започнаа меѓусебни напади откако Исламската Република испали ракети кон израелска територија, загрозувајќи го примирјето што е во сила и надежите на американскиот претседател Доналд Трамп за постигнување договор за прекин на војната на Блискиот Исток.
Проиранските Хути во Јемен денес објавија дека испалиле неколку балистички ракети кон Израел, што претставува нивен прв напад врз земјата за неколку недели, пренесува германската агенција дпa. Израелската војска рано во понеделник соопшти дека од Јемен кон Израел е лансирана балистичка ракета.
Портпаролот на војската на Хутите, Џаџа Сари, исто така, најави „целосна блокада“ на бродовите во Црвеното Море кои пловат кон Израел или имаат врски со Израел.
Исто така, по израелските напади врз Иран, проиранската милиција во Ирак, Катаиб Хезболах, се закани со свои напади врз американските бази во регионот.
Групата изјави дека ќе изврши напади доколку САД се приклучат на израелската офанзива започната како одговор на новите ирански напади врз Израел вчера.
Неколку моќни вооружени групи дејствуваат во Ирак и добиваат различна поддршка од соседниот Иран.
Од почетокот на американско-израелската војна против Иран во февруари, милициите ја презедоа одговорноста за стотици напади на Блискиот Исток, вклучувајќи напади врз американски објекти и цели поврзани со курдски групи.
Курдите претставуваат една од најважните опозициски групи во Иран, а некои од курдските групи се сојузници на САД.
Некои од милициите во Ирак се согласија да го стават своето оружје под државна контрола по притисокот од Вашингтон.
Катаиб Хезболах, една од најмоќните проирански вооружени групи, и натаму е против таков потег.













