Белоруската влада одлучи да ја затвори својата амбасада во Финска од 1 септември, според декрет објавен денеска на Националниот правен интернет портал.
Декретот го потпиша вчера белорускиот премиер Александар Турчин, со што се поништува одлуката од 2011 година за основање на амбасадата.
Причината за одлуката не е позната.
Амбасадата во Хелсинки е привремено затворена од 3 август. Дипломатската мисија им советуваше на белоруските граѓани да побараат конзуларни услуги во други белоруски дипломатски мисии, вклучувајќи го Генералниот конзулат во Даугавпилс, Латвија, и амбасадата во Стокхолм.
Двете земји воспоставија дипломатски односи на 26 февруари 1992 година. Дипломатската мисија на Финска во Минск започна со работа на 1 октомври 2010 година, додека белоруската амбасада во Хелсинки работи од 5 декември 2011 година.




















