Колку е казната доколку немате зимска опрема?
РЕГИОН
8 мин читање
Колку е казната доколку немате зимска опрема?Прочитајте во кои земји од Западен Балкан зимската опрема е задолжителна и кои правила треба да ги почитувате за да не ви напишат казна.
Колку е казната доколку немате зимска опрема? / TRT Balkan

Патувањето со автомобил во зимскиот период, особено ако се преминува граница низ Европа може да биде голем предизвик со оглед на различните регулативи и ограничувања помеѓу земјите. Затоа треба да знаете во кои земји од Западен Балкан зимската опрема е задолжителна и кои правила треба да ги почитувате за да не ви напишат казна.

Северна Македонија со „зимски правила“

Северна Македонија иако располага со над 200 сончеви денови има законски прописи за регулирање на сообраќајот кои поеднакво важат и за посеверните европски земји.

Топлата клима во поголемиот дел од годината не прави исклучок и за одредбите за задолжителна зимска опрема. На сила стапува на 15 ноември и трае до 15 март следната година. Во земјава ако во посочениот период немате зимски гуми ќе платите 45 евра казна, а може да се соочите и со исклучување на возилото од сообраќај.

Возачите се обврзани да носат со себе и ланци во случаи кога патиштата се покриени со снежна обвивка или мраз.

Казната за непоседување пропишана зимска опрема изнесува 45 евра во денарска противвредност (околу 2.770 денари).

Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните дека од 15 ноември до 15 март, согласно одребите од “Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата“, возилата кои учествуваат во јавен сообраќај на патиштата задолжително треба да поседуваат пропишана зимска опрема.

Согласно одребите од Правилникот за задолжителна опрема на возилата, за безбедно учество во сообраќајот на патиштата, како зимска опрема на моторните возила се подразбира:

За моторни возила кои не надминува 3.500 кг.:

- зимски пневматици на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од четири милиметри;
- пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на нагазниот слој по обем и широчина, со минимум од најмалку 4 мм., ако возилото во приборот поседува синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.

За моторни возила со погон на четири тркала (4x4):
- зимски пневматици на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од 6 мм;
- пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на нагазниот слој по обем и широчина со минимум од најмалку 4 мм., ако возилото во приборот поседува синџири за снег и во случај кога имаат постојан погон, синџири за снег треба да имаат најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да имаат најмалку на постојано вклучената осовина.
За моторни возила кои надминува 3.500 кг:
- зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од 6 мм.
- пневматици со летен профил на сите четири тркала, со длабочина на шарите на нагазниот слој, по обем и широчина со минимум 4 мм, ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала;
- автобуси и товарни моторни возила кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат - лопата.

Зимски пневматици се оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака „MS”, “M+S”, “M & S” и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.
Согласно одредбите од Правилникот за задолжителна опрема на возилата, во патниот сообраќај на возилата е забрането поставување на пневматици со клинци.

Од МВР апелираат до возачите да се придржуваат кон законската обврска за поседување на зимска опрема, бидејќи така се овозможува непречено и безбедно одвивање на сообраќајот на патиштата во зимски услови.

Како е регулирано во другите земји од регионот?

Задолжителна употреба на зимска опрема во Србија

Во Србија, од 1 ноември до 1 април, според Законот за безбедност на сообраќајот, задолжителна е употребата на зимска опрема и поставувањето на сите четири зимски гуми на автомобилот доколку на коловозот има снег, мраз или голомразица.

Во наведениот календарски период, надвор од населените места, возилата задолжително мора да имаат и синџири за снег или други средства за зголемување на тракцијата (за подобро прилепување на подлогата) во багажникот. Кога на коловозот има снег, синџирите се поставуваат на погонските тркала, и тоа на делниците каде што е означена задолжителна употреба. Тоа обично се приодите кон планинските туристички центри, мостовите и угорниците каде што често може да има голомразица.

За непочитување на оваа законска обврска се предвидени и парични казни: за физички лица од 6.000 (50 евра) до 20.000 динари (170 евра), за самостојни вршители на дејност од 50.000 (425 евра) до 200.000 динари (1.700 евра), а за правни лица од 100.000 (850 евра) до 800.000 динари (6.800 евра)

Освен парична казна, возачите без зимски гуми не можат да добијат ниту надомест на штета во случај на евентуална сообраќајна несреќа. Односно, доколку немате зимски гуми, осигурителната компанија нема да ви ја признае штетата, дури и ако не сте виновни за сообраќајната несреќа.

Во Албанија не се предвидени казни за непоседување зимска опрема

Законот во Албанија не предвидува казни за непоседување зимска опрема во возилото во текот на зимскиот период. Меѓутоа, доколку се наоѓате во планинско подрачје и немате синџири за снег, полицијата има право да ви изрече казна од 10 до 40 евра.

Полицијата, исто така, има право да не ви дозволи да продолжите со возењето доколку немате зимска опрема. Во тој случај, не ви изрекува парична казна, туку едноставно не ви дозволува да продолжите понатаму бидејќи не ја поседувате потребната опрема.

Во БиХ возачите без зимска опрема можат да бидат казнети од најмалку 20 евра

Возачите во Босна и Херцеговина од недела, 1 ноември, мора да имаат пропишана зимска опрема, без оглед на временските услови. Обврската трае до 1 април 2027 година, а за непоседување соодветна опрема е предвидена парична казна од 40 конвертибилни марки (КМ), односно околу 20 евра.

Според информациите на Босанскохерцеговскиот автомобилско-мотоциклистички клуб (БИХАМК), правилото важи за сите моторни возила, освен за мотоциклите од категоријата Л и тракторите од категориите Т и Ц.

На возачите кои немаат пропишана опрема, полицијата може да им нареди да го прекинат возењето додека не ги отстранат недостатоците. Доколку не постапат по наредбата, возилото може да биде исклучено од сообраќај, а сообраќајната дозвола да им биде одземена.

Во Црна Гора казни и до 1.000 евра

Од 15 ноември, зимските гуми се задолжителни на патиштата во Црна Гора опфатени со посебна наредба, без оглед на временските услови. На останатите патишта, оваа обврска важи само во зимски услови, односно при снежни врнежи или кога на коловозот има снег, мраз или голомразица.

За непочитување на прописите, на возачите им се закануваат казни од 150 до 1.000 евра, а за одредени прекршоци е предвидена и затворска казна до 60 дена, соопшти Управата на полицијата.

Од Управата на полицијата потсетуваат дека за непочитување на прописите за зимска опрема се предвидени парични, но и затворски казни.

„Со парична казна во износ од 500 до 1.000 евра или затворска казна до 60 дена ќе се казни возачот кој во периодот од 15 ноември до 1 април, во зимски услови, учествува во сообраќајот со возило од категоријата М или Н кое нема зимски гуми на сите тркала или не ги исполнува другите пропишани услови во однос на зимската опрема“, се наведува во соопштението.

За возачите кои користат гуми со длабочина на шарата помала од четири милиметри, предвидена е казна од 200 до 400 евра.

Доколку возилото нема пропишана зимска опрема на пат на кој нејзината употреба е задолжителна согласно посебна наредба, возачот може да биде казнет од 150 до 300 евра.

За компаниите казни до 6.000 евра

Значително повисоки казни се предвидени за правните лица и самостојните вршители на дејност.

Правно лице кое ќе нареди или ќе дозволи возило без пропишана зимска опрема да учествува во сообраќајот во зимски услови може да биде казнето од 3.000 до 6.000 евра. За одговорното лице е предвидена казна од 500 до 800 евра, а за самостојниот вршител на дејност од 1.500 до 3.000 евра.

Во Косово казна од 40 евра за непоседување зимска опрема

Од 15 ноември, па сè до 15 март следната година, на Косово е задолжително поседувањето зимска опрема во моторните возила, без оглед на временските услови. За возачите кои нема да ја почитуваат оваа законска обврска предвидена е парична казна од 40 евра. Косовската полиција апелира до граѓаните навреме да ги подготват возилата за зимски услови на возење и да ја приспособат брзината на состојбата на патиштата.

Високи казни во Хрватска

Од 15 ноември, па сè до 15 април следната година, во Хрватска е задолжителна употребата на зимска опрема на зимските делници од јавните патишта. Обврската се однесува на сите видови моторни возила, без оглед на временските услови и состојбата на коловозот, со исклучок на возилата на вооружените сили на Република Хрватска.

Хрватскиот авто-клуб (HAK) наведува дека во зимските делници од јавните патишта спаѓаат 839,2 километри автопати и 1.863,3 километри државни и жупаниски патишта, како и 68,1 километар државни патишта наменети за транзитен сообраќај од пристаништата за траекти во Вуковар и Осиек, односно од пристаништето и рафинеријата во Сисак.

Казната за правно лице или физичко лице кое врши самостојна дејност, а дозволи во сообраќајот да се користи возило кое ја нема пропишаната зимска опрема, изнесува од 660 до 1.990 евра. Исто така, за овој прекршок од 190 до 660 евра ќе биде казнето и одговорното лице во правното лице, како и во орган на државната власт или во орган на единица на локалната и подрачната (регионалната) самоуправа. Возачите кои управуваат возило без пропишана зимска опрема ќе платат казна од 130 евра.

ИЗВОР:TRT Balkan
Повеќе
Се урна српски МиГ-29, пилотот загинал
Дуран: Израел користи дезинформации за да ги прикрие масакрите во Газа
ЕУ: Платформите на социјалните медиуми не ги отстрануваат пријавените измами
Фидан: Туркије мора да преземе водечка улога во зајакнувањето на регионалната поврзаност
АСЕАН и Јапонија го одржаа 29-тиот самит во Манила, ветуваат посилна соработка
Форензички експерт вели дека смртта на Епстин е поверојатно убиство отколку самоубиство
Израел фрла експлозив спакуван во кутии врз објекти во Газа
Палестина бара одговорност од Израел за прегазени осум лица
Венс ветува дека Трамп нема да дозволи конфликтот со Иран да прерасне во уште една „вечна војна“
Рама: Колку побрзо Србија го признае Косово, толку подобро ќе биде за сите во регионот
Новото тричлено претседателство на БиХ ја презеде функцијата
Турскиот министер за надворешни работи учествува на министерски состанок во Брисел
Папата Лав XIV од Латинска Америка упати пораки за вера и правда
Трамп: Прашањето за шпионажа над Енвидија ќе го покренам со кинескиот лидер Ши
Од полноќ ново намалување на цените на бензините и дизелот