Осум граѓански организации повторно бараат Владата на Република Северна Македонија итно да го разгледа официјалното барање за утврдување одговорност и разрешување на директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ.
„Барањето беше поднесено по неговата јавна објава со која се величаат четничкото движење и лица меѓу кои е Ратко Младиќ, правосилно осуден за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства. На нашето писмо одговорија сите три релевантни меѓународни партнери до кои се обративме. Мисијата на ОБСЕ во Скопје соопшти дека во моментов нема намера за натамошен ангажман со Агенцијата и дека случајот ќе го достави до Високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства“, информираат преку соопштение осумте граѓански организации.
Како што наведуваат во соопштението „Советот на Европа нагласи дека не може да дозволи неговите активности да бидат сфатени како легитимирање на негирањето, релативизирањето или величањето на лица осудени за геноцид и воени злосторства. Прашањето за натамошната соработка со Далибор Китановиќ е покренато и пред раководството на Организацијата.“
Граѓанските организации истакнуваат дека делегацијата на Европската Унија потврди дека својот став веќе им го пренела на надлежните власти и порача дека „величањето воени злосторници нема место во земјите што припаѓаат на ЕУ или се стремат кон членство.“
Истовремено, истакнуваат, во Европскиот парламент се одржа пленарна дебата за величањето на воениот злосторник Ратко Младиќ, од која беше испратена јасна порака дека таквите појави се неспоиви со европските вредности и со обврските на земјите кандидати.
„Северна Македонија, како земја кандидат за членство во ЕУ, има дополнителна политичка и институционална обврска да не толерира министри, директори и други носители на јавни функции кои го негираат или релативизираат геноцидот во Сребреница и величаат правосилно осудени воени злосторници. И покрај сериозноста на случајот и реакциите на меѓународните институции, Владата сè уште не одговорила на нашето официјално барање. Поминаа неколку владини седници, но јавноста а ниту ние како подносители не барањето, не сме информирани дека барањето било разгледано или дека за случајот воопшто се разговарало“, велат граѓанските организации.
Граѓанските организации бараат институционална одговорност
Една од потписничките на барањето за разрешување на Китановиќ, Мерсиха Смаиловиќ, правничка и граѓански активист за човекови права, вели дека постои разочарување поради молкот на надлежните во врска со овој случај, истакнувајќи дека граѓанските организации очекуваат од Владата да го разреши директорот на АОПЗ.
„Бараме јавно и официјално превземање на институционална одговорност, почитување на жртвите на геноцидот и заштита на достоинството на заедниците чии права оваа Агенција е должна да ги унапредува и штити. Ако Владата навистина е посветена на европската интеграција, тоа мора да го покаже со конкретно постапување. Владата мора јавно и недвосмислено да соопшти дека негирањето на геноцидот и величањето на осудени воени злосторници се неспоиви со вршењето јавна функција“, истакна Смаиловиќ.
Реакција на граѓанските организации на објавата на Китановиќ
На први септември осум граѓански организации од Република Северна Македонија до Владата упатија официјално барање за утврдување одговорност и разрешување на директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците (АОПЗ), Далибор Китановиќ.
Барањето се однесува на објавата што Китановиќ јавно ја споделил, во која, како што истакнаа организациите, се прикажуваат и величаат личности поврзани со четничкото движење, меѓу кои Дража Михајловиќ и Ратко Младиќ.
Организациите оценуваат дека објавата не може да се третира само како приватен став бидејќи Китановиќ извршува јавна функција и раководи со институција надлежна за остварување, унапредување и заштита на правата на помалобројните заедници во земјата, вклучително и Бошњаците, Турците, Ромите, Србите и Власите.
Организациите, исто така, изразија загриженост за положбата на вработените во АОПЗ што им припаѓаат на засегнатите заедници, поставувајќи го прашањето дали тие може да се чувствуваат безбедно и достоинствено во работна средина раководена од лице што, според нив, јавно споделува вакви пораки.
Исто така, организациите побараа од Јавното обвинителство по службена должност да ги испита содржината и контекстот на објавата и да утврди дали постојат елементи на кривично дело во согласност со член 407-а од Кривичниот законик.
Барањето го потпишаа претставници на НГО „Шадрван“, НГО „Диван“, Институтот за истражување и анализа на политики „Ромалитико“, НГО „Диванхана“, НГО „Легис“, НГО „Смарт код“, Бошњачкиот национален совет и Бошњачката културна заедница.
Китановиќ, член на коалициската Демократска партија на Србите во Македонија, на социјалните мрежи објави слика создадена со вештачка интелигенција, на која Младиќ е прикажан покрај историски српски личности, со натпис „Генерали на небесната војска“.
Владата на Северна Македонија реагираше, истакнувајќи дека Младиќ е правосилно осуден за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства од надлежниот меѓународен суд и дека ставот на Китановиќ е личен и неприфатлив за извршната власт.
Китановиќ ја избриша својата објава од социјалните мрежи и упати јавно извинување до македонскиот премиер Христијан Мицкоски.
Осудениот воен злосторник Ратко Младиќ почина на 27 август на 84-годишна возраст во затворска болница во Хаг, каде што ја издржуваше казната доживотен затвор. Тој беше осуден за геноцид поради неговата улога во масакрот во Сребреница во 1995 година, во кој беа убиени повеќе од 8.000 Бошњаци, мажи и момчиња, како и за други злосторства извршени за време на војната во Босна и Херцеговина.




















