Руте: Безбедноста на Западен Балкан останува приоритет за НАТО
Обрнувајќи внимание на тоа што македонските војници служат во Напредните копнени сили на НАТО во Бугарија и Латвија, додека во соседно Косово се дел од мировната мисија предводена од НАТО, КФОР, Руте рече дека „станавте извозник на безбедност“
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека безбедноста на Западен Балкан останува приоритет за НАТО.
Руте во рамките на посетата на Северна Македонија се обрати пред пратениците во Собранието.
Обрнувајќи внимание на тоа што македонските војници служат во Напредните копнени сили на НАТО во Бугарија и Латвија, додека во соседно Косово се дел од мировната мисија предводена од НАТО, КФОР, Руте рече дека „станавте извозник на безбедност“.
„КФОР е важен за сите нас. Тој значително придонесе за регионалната безбедност и долгорочната стабилност на Западен Балкан. Посветеноста на НАТО кон КФОР останува цврста“, изјави Руте.
„И покрај низата безбедносни предизвици со кои се соочуваме, безбедноста на Западен Балкан останува приоритет за НАТО“, додаде тој.
Тој упати благодарност до заменик-генералниот секретар на НАТО, Радмила Шекеринска, за нејзините увиди и искуство.
„Тие се непроценливи за мене и за Алијансата додека се справуваме со безбедносните предизвици во овој регион и пошироко“, рече тој.
Потсетувајќи дека авиони од Грција и Италија патролираат на небото на земјата, Руте изјави: „Ова праќа јасен сигнал - никој не е сам во НАТО. Вашите пријатели и сојузници секогаш се со вас.“
Додека се соочуваат со поопасен и понестабилен свет, Руте рече дека Русија продолжува да ја загрозува безбедноста на НАТО-сојузниците и да ја води својата агресивна војна против Украина.
„Русија се здружи со Кина, Северна Кореја и Иран и заедно ги прошируваат своите војски и својата способност да вршат притисок врз нас“, рече Руте.
Во својот говор тој, исто така, се осврна и на обврските на сојузниците за трошоците за одбрана. „Го поздравувам тоа што Северна Македонија и другите сојузници навистина трошат повеќе за одбрана“, изјави тој.
Пред говорот Руте оствари средба со претседателот на Собранието, Африм Гаши.
На средбата присуствуваа и координаторите и заменик-координаторите Никола Мицевски, Јованка Тренчевска, Беким Ќоку, Рина Ајдари и Бобан Карапејовски; шефот на собраниската делегација во ПС НАТО, Драган Ковачки и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска.
Потоа се сретна со македонскиот премиер Христијан Мицкоски и ја посети воената касарна „Илинден“ во Скопје.
„Во духот на сојузништвото и заедничките вредности, разговаравме за актуелните безбедносни предизвици, улогата на Алијансата во зачувувањето на стабилноста и мирот, како и за придонесот на нашата држава во рамките на колективната одбрана.“ напиша Мицкоски
Генералниот секретар во касарната беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.
Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што Северна Македонија го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.