Во Косово се засилени безбедносните мерки во пресрет на изрекувањето на пресудата за поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК) од страна на Специјализираните совети во Хаг.
Во центарот на главниот град Приштина се поставени заштитни огради во близина на зградите на Владата и Претседателството на Косово, додека на терен се присутни припадници на косовската полиција кои се грижат за јавниот ред и безбедноста. Досега не е забележано присуство на специјални единици.
Во меѓувреме, во Северна Митровица атмосферата е мирна, додека на главниот мост над реката Ибар се присутни припадници на италијанскиот контингент на КФОР, како и неколку полициски возила стационирани од двете страни на мостот.
Во градот се забележани помал број граѓани, како и засилени патроли на косовската полиција покрај шеталиштето кон главниот мост, при што некои припадници се опремени со панцирни елеци. Освен во подрачјето на главниот мост, не е забележано зголемено присуство на КФОР на улиците во градот.
Безбедносните мерки се засилени во пресрет на изрекувањето на пресудата за Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими, околу три и пол години по почетокот на судењето и речиси шест години по нивното апсење и префрлање во притвор во Хаг.
Тачи и останатите се соочуваат со обвиненија за „воени злосторства“ и „злосторства против човештвото“, а сите се изјаснија за невини.






















