Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ), како и голем број локални самоуправи, денес биле мета на истражителите поради сомневање дека за време на Европското првенство во фудбал, кое го организираше Германија во 2024 година, поделиле неколку илјади бесплатни билети за натпревари на одредени гости кои биле вработени во државните структури.
Отворена е истрага против еден Германец (66) и еден Французин (46), кои се осомничени за нелегално делење билети за фудбалски натпревари и обезбедување хотелски сместување на фаворизирани гости, објавува Билд.
Во истрагата се вклучени повеќе од 150 истражители од Канцеларијата на криминалистичката полиција на Северна Рајна-Вестфалија, а се проверува и дали вработени во градските администрации низ цела Германија биле вклучени во овие дејствија.
Истрагата е фокусирана и на „Евро 2024 ГмбХ“, заедничко вложување на Германската фудбалска асоцијација и Унијата на европски фудбалски асоцијации (УЕФА), кое е основано за организација на Европското фудбалско првенство во 2024 година.
Французинот (46), против кого е отворена истрагата, бил задолжен за односите со градовите домаќини и наводно ги поканил тогашните менаџери на соодветните „канцеларии на Евро 2024“ во градовите да ги гледаат натпреварите.
Германецот (60) е осомничен дека им обезбедил на одредени лица билети за натпревари, како и хотелско сместување и патни трошоци, вклучително и за полуфиналниот натпревар меѓу Шпанија и Франција во Минхен, за кој наводно добил финансиска корист од околу 2.400 евра.
Министерот за внатрешни работи на Северна Рајна-Вестфалија, Херберт Ројл, за „Билд“ изјави дека „фудбалскиот билет не е дел од платата“.
„Секој што е во јавна служба и очекува поткуп ќе ја добие нашата посета. Големите настани како Европското првенство во фудбал, особено, зависат од довербата на луѓето - во спортот и во властите што го овозможуваат тоа. Нема да дозволиме таа доверба да биде нарушена поради неколку покани и билети“, рече Ројл.
Истражната комисија ги претресува градските администрации на Гелзенкирхен, Дортмунд, Диселдорф, Келн, Хамбург, Берлин, Франкфурт на Мајна, Штутгарт и Минхен.
Претреси се спроведуваат и во две компании во Северна Рајна-Вестфалија, една компанија во Баварија и во седиштето на Германскиот фудбалски сојуз во Франкфурт на Мајна, поранешното седиште на Евро 2024 ГмбХ, како и во градската администрација на Лајпциг.








