Мотиватори: Прва аудиобук платформа

Во оваа епизода од Мотиватори, заедно со двајца од тимот на Самоглас, за ТРТ Балкан зборуваме за почетоците, визијата и за тоа како една мала група млади актери успеа да создаде културен бренд што расте со секоја нова книга

By
Мотиватори: Прва аудиобук платформа / TRT Balkan MK

Во време кога младите често се борат со концентрација, пренатрупани обврски и недостаток на време за читање, група ентузијасти одбрала да го смени начинот на кој ја доживуваме литературата. Наместо да бараат брзи решенија, тие создале свое – прва независна аудиобук платформа во Македонија. Така никна Самоглас, проект кој од идеја во „некое сопче“ прерасна во алатка што ја менува читачката навика кај илјадници луѓе.

Во оваа епизода од Мотиватори, заедно со двајца од тимот на Самоглас, за ТРТ Балкан зборуваме за почетоците, визијата и за тоа како една мала група млади актери успеа да создаде културен бренд што расте со секоја нова книга

„Не знаевме што нѐ чека…“ - првите 5.000 слушатели

Ангела Стојановска се сеќава на моментот кога платформата се појавила онлајн:
„Никој од нас не беше свесен… ние не замислувавме дека за една недела ќе добиеме 4 до 5 илјади корисници.“

Проектот започнал во 2019 година, како идеја на тројца актери кои сакале да создадат простор каде гласовите- нивната професија и љубов-  ќе станат корисни за пошироката јавност. Најголем дел од книгите првично ги снимале доброволно, од своите домови, водени од единствена цел: да создадат пристапно, квалитетно аудио-читање.

„Како што почна да градира целата работа, сфативме дека вреди да му се посветиме со целото време што го имаме.“, додава Стојановска.

Средношколци, лектири и нови генерации слушатели

Денес Самоглас активно работи на проектот „Средношколци на Самоглас“, посветен на лектирите што учениците ги учат низ формалното образование. Тимот го гледа ова како највреден дел од нивната мисија.

„Ова, искрено, ми е еден од најдрагите делови од работата, да гледам како младите не само што слушаат, туку сакаат да бидат дел од креирањето на содржината.“, вели Стојановска.

Проектот, всушност, го продолжува сонот на основачите - да создадат генерација која не се плаши од литературата, туку ја доживува на нов, близок и разбирлив начин.

Платформа што отвора врати и за слепите и слабовидните лица

Самоглас денес има силна соработка со училиштето „Димитар Влахов“, што се гледа како доказ за вистинскиот импакт на платформата.

„Знаевме дека младите ќе имаат корист, но не предвидовме дека и пензионерите со нарушен вид ќе станат голема група корисници.“, вели Стојановска.
Токму ова ги мотивирало уште повеќе, бидејќи нивната работа станала дел од нечие секојдневие, помагајќи им на луѓе кои долго време немале лесен пристап до литература.

Гласот како алатка и како мисија

Васко Костовски, исто така дел од основачкиот тим, ја опишува суштината на Samоглас:
„Нашата поента уште од почеток беше да споиме убаво со корисно. Нудиме гласови- нешто што сме го учеле на факултет и знаеме како да го пласираме.“

Освен класични аудиокниги, Самоглас активно продуцира и аудиодрами, проекти на кои тимот работи неколку години по ред. Костовски нагласи дека стојат и зад важни соработки, како онаа со здружението за дислексичари „Ајнштајн“, кое ги подучило колку големо значење имаат аудиокнигите за таа заедница.

Она што започнало како идеја на тројца млади актери денес се претвора во широка мрежа на слушатели, соработници и волонтери.

„Сите кои што се дел, оставија некаков печат, затоа што веруваат во значењето на Самоглас.“, вели Стојановска.

Тимот сега сака да го прошири бројот на наратори и да го подигне процесот на професионално ниво, со цел платформата да расте заедно со интересот на јавноста.

Оваа епизода од „Мотиватори“ зборува за нешто повеќе од аудио-содржина.
Таа ја раскажува приказната за упорноста, креативноста и потребата да се создаде култура на пристапност.

Самоглас не е само платформа, туку доказ дека со посветеност и идеја која вреди, сонот на три млади актери може да стане навика на цела држава.