Кина денеска воведе санкции против 20 американски компании од одбранбената индустрија, како и 10 функционери, откако Вашингтон објави продажба на оружје на Тајван.
Санкциите вклучуваат замрзнување на средствата на компаниите во Кина, како и забрана за трансакции со нив, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.
Меѓу санкционираните компании се Нортроп Груман Системс Корпорација, Л3Харис Маритим Сервисис како и филијала на Боинг во Сент Луис, ВСЕ Корпорација и Сиера Техникал Сервисис, според агенцијата Синхуа.
Санкционирани се и 10 функционери од компаниите вклучувајќи го и основачот на Андурил Индустрии, Палмер Лаки, на кого му е забрането да работи во Кина и да влегува во земјата.
Во одлуката за санкции се укажува на неодамна објавената продажба на американско оружје на Тајван, кој Пекинг го смета за „кинески регион, што претставува сериозно кршење на принципот Една Кина, како и на три заеднички кинеско-американски коминикеа, а во исто време означува мешање во внатрешните работи на Кина, загрозувајќи го нејзиниот суверенитет и територијален интегритет“, наведува агенцијата.
Одлуката на Пекинг дојде откако САД објавија продажба на оружје во вредност од над 10 милијарди долари наменето за Тајван.
Доколку Конгресот ја одобри оваа продажба, тоа би бил најголемиот пакет американско оружје наменет за регионот досега.


















