Десет секунди за извршување на замените, пет секунди за изведување аут и голманско исфрлање на топката по прекин на играта се дел од новите судиски иницијативи за Светското првенство во 2026 година, усвоени од Меѓународниот одбор на фудбалски асоцијации (ИФАБ).
Одложувањето на играта и навредувањето на играчите ќе бидат построго казнети, како и подобрување на ВАР протоколот.
„Борба против дискриминацијата, забрзување на играта, подобрување на односите со играчите и подобрување на искуството на навивачите. Ова се главните цели на ваквите одлуки. Целта е да се елиминираат прекините во играта колку што е можно повеќе“, коментираше Пјерлуиџи Колина, поранешен судија и претседател на Судискиот комитет на ФИФА во интервју за Марка.
Според оваа иницијатива, играчите ќе имаат пет секунди за да извршат аут, судијата ќе им даде сигнал, а доколку не ја фрлат топката во игра во одреденото време, ќе му биде доделен аут на другиот тим.
Правилото „пет секунди“ ќе важи и за голманите, кои во тој период ќе мора да ја шутнат топката по прекин на играта, претходно беше осум секунди. Во спротивно ќе му биде досуден корнер на противничкиот тим.
Понатаму, ако играчот ја покрие устата со раката, надлактицата или маицата за време на конфронтација со противничкиот играч, судијата има право да го исклучи.
Таквата одлука спаѓа во рамките на борбата против дискриминацијата, бидејќи сме сведоци на голем број случаи во кои играчите ги покриваат устата за време на одвратни навреди.
„Покривањето на устата не е ненамерен чин и не се случува случајно и инстинктивно. Играчите го прават тоа затоа што сакаат. Знаеме дека тоа е непожелно однесување и затоа сакаме да престанат да го прават тоа. Многу едноставно“, објасни Колина.
Исто така, судијата може да му даде црвен картон на секој играч кој го напушта теренот во знак на протест, како и на секој член на тренерскиот персонал кој го охрабрува играчот да направи таков чин.
ФИФА јасно научи од примерот на овогодинешниот Куп на Африкански нации, на кој сенегалските фудбалери, незадоволни од судиските одлуки во корист на Мароко, го напуштија теренот кон крајот на финалниот натпревар и предизвикаа пауза од повеќе од 20 минути.
Понатаму, играчите мора да го напуштат теренот во рок од 10 секунди од замената. Заменетиот играч веднаш го напушта теренот, но на замената не му е дозволено да влезе на теренот една минута.
„Исто така, сакаме да ги ограничиме прекините предизвикани од замени. Мерка што веќе ја тестирале со добри резултати во МЛС. Се состои во тоа што заменетите играчи мора да го напуштат теренот во рок од максимум 10 секунди. Ако не го сторат тоа, замената може да влезе во теренот само при следниот прекин на играта“, објаснува Колина.
За време на периодот на чекање, на тренерот не му е дозволено да се предомисли и да внесе друг играч. Исклучок од ова правило е во случај на повреди или одредени безбедносни проблеми.
Ако се направат повеќе замени истовремено, сите заменети играчи мора да го напуштат теренот во рок од 10 секунди откако судијата ќе го покаже бројот на семафорот.
„Веќе го видовме ова правило во акција на пријателскиот натпревар помеѓу Јапонија и Исланд овој викенд, кога островскиот тим играше со 10 играчи нешто повеќе од една минута, бидејќи на Хлинсон му требаа повеќе од 10 секунди да го напушти теренот. Тоа беше фатално, бидејќи во тој период Јапонија го постигна единствениот гол на натпреварот и славеше со 1:0, вели Колина.
Исто така, играчот мора да го напушти теренот додека добива медицинска помош и да остане надвор од теренот една минута пред да му биде дозволено повторно да влезе, што ќе му овозможи на медицинскиот персонал подобро да ја процени состојбата на играчот.
„Што се однесува до ВАР технологијата, ВАР собата ќе може да интервенира и кога ќе се додели втор жолт картон, ако се смета дека картонот за исклучување е погрешно доделен и ќе може да го поништи. Истото важи и ако судијата додели жолт или црвен картон на погрешен играч. Конечно, ВAР ќе може да интервенира во случај на погрешно доделен корнер пред да се изведе. Ако корнерот е веќе изведен, нема корекција. Веруваме дека на ВAР собата нема да ѝ требаат повеќе од 15 секунди за да го процени ова“, вели Молина.
















